Ноќта, пред Христовото раѓање-Божик, кривопаланчани го прославија големиот верски празник Бадник, на Градскиот плоштад „Свети Јоаким Осоговски“. Со палење на големиот коледарски оган се славеше радоста, љубовта и мирот меѓу луѓето со добра волја. Бадниковиот поздрав, во рамките на црковните свечености, на кривопаланчани им го пренесе архиерејскиот намесник, протојереј ставрофор Добрислав Бошковски, а граѓаните ги поздрави и градоначалникот г-н Арсенчо Алексовски.
Тој и овогодинешниот кум Далибор Најденов го запалија големиот бадников оган на Градскиот плоштад, а потоа сите граѓани прославија заедно со славска посна трпеза и топла ракија, обезбедени од кумот.
И оваа година се делеа традиционалните лепчиња за избор на новиот кум. Од повеќето пријавени најсреќен беше Цане Николовски, директор на ЈП Комуналец, на кого му се падна среќната паричка.