На 23.02.2012 година, со почеток во 11 часот, проектантската компанија ФИЛБИС, претставувана од г-дин Мирко Стојановски, дипломиран машински инжинер, ја презентираше драфт-верзијата на Основниот проект – Гасификација на Општина Крива Паланка пред Градоначалникот и претставниците на стручните служби на општинската администрација и јавното претпријатие Комуналец.
Проектот е финансиран од страна на Бирото за развој, преку Североисточниот плански регион, со чие изготвување се создаваат и услови за започнување на процесот на гасификација на градот.
Општина Крива Паланка, имајќи ја привилегијата да магистралниот гасовод поминува низ градот, според зборовите на челните луѓе е сериозно заинтересирана да успее проектот за гасификација на градот, како основен предуслов за економски развој и подобар живот на локалната заедница, односно подобрување на климата за инвестирање.
На средбата беа присутни и претставници на Куманово-Гас, кои изразија целосна поддршка на проектот и спремност да понудат сестрана и несебична помош на општината во сите фази на процесот на гасификација, изнесувајќи ги своите искуства и знаења.
По презентацијата на драфт-верзијата, имаше дискусија околу поединости на докумнетацијата, при што се дојде до заклучок дека е потребно да се преиспита трасата и постоечката подземна инсталација на водоводната, телефонската, електричната и кабловската инсталација, односно да се формира компетентна екипа од претставници на Општината и ЈПКомуналец, кои на лице место ќе ја утврдат фактичката состојба, по што ќе може да се пристапи кон финализирање на проектот.