Делегацијата од Министерството за локална самоуправа, во рамки на посетата, најпрвин оствари состанок со Градоначалникот на општината Арсенчо Алексовски. На состанокот се разговараше за различни прашања, реализацијата на општинските проекти и можностите за развој, а се дискутираше и за можните начини за надминување на проблемите кои ја засегаат општината.
Од страна на Градоначалникот беа презентирани проектите кои општината ги реализира преку ИПА Програмата за прекугранична соработка и тоа: „Туризам без граници“, кој предвидува поставување на електронски информативни портали за да можат туристите односно посетителите полесно да се ориентираат и да ги пронајдат туристичките локалитети, “Културното наследство-мост кон заедничката иднина”, кој предвидува формирање на Центар за културно и историско наследство, организирање на заедничка изложба и работилница за обновување на занаетите, преку партерно уредување на поранешниот Дом на АРМ и внатрешно уредување на објектот, проектот „Под едно небо“, кој предвидува асфалтирање на локалениот пат до испосницата на “Св.Јоаким Осоговски” во с.Градец, партерно уредување на локалитетот и изработка на Географски информациски систем за сакралното наследство.
Беше извршена и посета на дел од локациите за реализација на споменатите проекти и запознавање со работите кои се изведуваат, а во кратката прошетка низ центарот на градот беа остварени и контакти со граѓаните.
Воедно беше посетена и Локалната установа – Градски музеј во Крива Паланка, каде имаа можност да ја погледнат постојаната историска поставка и староградската етно поставка.
Делегацијата исто така го посети и манастирскиот комплекс „Свети Јоаким Осоговски“ за кој со нескриено задоволство истакнаа дека е едно од најубавите места во Република Македонија кои треба да се посетат.