Промовирана „Монографија на Крива Паланка, 1633-2020“

По повод чествувањето на Денот на ослободување на Крива Паланка, 8 Октомври,  свечено беше промовирана Монографија на Крива Паланка, 1633-2020, во која на 180 страници се поместени историските, културни, економски, образовни, спортски достигнувања од развојот на општината, уредени од страна на проф.д-р Јордан Михајловски.
Книгата е работена во коавторство на д-р Јордан Михајловски и м-р Мартин Додевски, историчари, Драган Величковски, етнолог, Цоне Крстевски, археолог, Гроздан Ѓоргиевски, економист, Трајче Давитковски, правник и Билјана Цветковска-Тасевска, инженер по патен транспорт.
-Монографијата не е само хронолошки редослед на настани и личности, таа е жив мозаик, конгломерат на најзначајните збиднувања во нашиот историски од, оживеана сага за живото и делото на плејада духовници, учители, револуционери, дејци кои ја испишале уникатната приказна за нашито град, рече Михајловски.
Промотор на книгата беше проф, д-р Трајан Гоцевски, кој истакна дека oва е четврта монографија за Крива Паланка што е за поздравување на желбата да се нотира историјата на градот.
-Најпрвин честитки до авторите кои ни подаруваат непроценливи факти за Крива Паланка. Ништо не е подрагоцено од донесувањето одлука во вистинско време, а во овој случај, со издавањето на ова дело е направено токму тоа. Монографијата излегува во значајна година за РС Македонија, бидејќи има неколку работи кои го одбележуваат ова време, а тоа е кога во ОН сме запишани како Македонски народ и македонска држава, со свој идентитет , култура и традиција, станавме полноправна членка на НАТО, трајно потврдувајќи го нашито територијален интегритет и суверенитет, а денес го имаме и извештајот за напредок на државата во реформските процеси за пристап кон ЕУ и извесно е дека во декември ќе ги отпочнеме претпристапните преговори. Тоа е завршување на трите магистрални прашања по нашата независнот, а ова дело што ви го претставуваме денес пак го одбележува 76-годишниот период на независност на градот, интегрирајќи ги сите великани кои го одбележале периодот од 1633 до денес. Уредена и конципирана сосема умешно, монографијата е своевиден историски монумент на Крива Паланка, рече Гоцевски.
Монографијата „Крива Паланка 1633-2020“ е испечатена во 2.000 примероци.

 

Големина на фонт
Контраст