Отворена изложба на дела во стринг техника на Фросина Стојчевска

Во EU House Крива Паланка, вечерва беше отворена изложба на уметнички дела во стринг техника, чиј автор е младата кривопаланчанка Фросина Стојчевска.

На изложбата се претставени 30-тина дела, инспирирани од природата, човекот, деталите и геометриските слики, кои се работени во посебна техника, со употреба на клинчиња и конци во бои, поставени на дрвена подлога.

Пораката на авторката е дека и во обичните предмети во секојдневието може да се најде инспирација и да се направат креативни дела.

Стринг техниката не е широко распространета, ниту лесна за употреба, за што е потребна голема трпеливост, но и умешност во комбинирањето на елементите.

„Отсекогаш имам желба да експериментирам и да испробувам нови техники од кои создавам уметнички дела. Стринг техниката ја работам една година и ова ми е прва самостојна изложба. Веќе имам и четиригодишно искуство во создавање на дела во квилинг техника, каде главниот елемент е хартија“, вели Стојчевска.

Младата уметница е едукатор на млади во овие уметнички техники и им дава поддршка за развивање на нивните креативни потенцијали.

„EU House Крива Паланка е одличен простор за промоција на младите таленти, а ние како општина секогаш даваме поддршка до израз да дојде квалитетот на младите генерации и да ги поттикнеме во творењето и нивниот професионален развој“, истакна градоначалникот на Крива Паланка Борјанчо Мицевски.

 

Големина на фонт
Контраст