Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска и градоначалникот Мицевски извршија увид во тековните градежни работи за изградба на нов кат на постојниот објект „Поточиња“ на градинката „Детелинка“, лоциран во центарот на Крива Паланка.
Со изградбата на нов кат двојно се зголемува капацитетот за згрижување на деца од предучилишна возраст во овој објект што е изграден уште во далечната 1972 година. Инаку, оваа надградба се изведува според најновите стандарди и нормативи за ваков вид објекти, а се овозможува и заштита на животната средина, со оглед на тоа што со градежните зафати се предвидува и замена на застарениот систем за греење на дрва, со нов современ систем за греење на пелети.
Во следната фаза од изградбата посебно внимание ќе се посвети на опремувањето на новата градинка со кое просторот во кој децата ќе престојуваат треба да биде уреден согласно нивните потреби за движење и поттикнување на учење преку игра.
Учеството на општината е 1.845.000 денари покрај грантот од 21.860.000 денари од МТСП.
Претходната година во матичниот објект на ЈОУДГ „Детелинка“ се работеше на проширување на капацитетите, замена на фасадата со термоенергетска, промена на столарија и кровна конструкција како и промена на систем за затоплување. За таа намена преку ФООМ, Норвешката амбасада, Министерството за економија и од сопствени извори се финасирани околу 15.000.000 денари.