СВЕТОТ НА „БЕСКОНЕЧНОСТ“  НА  ИРЕНА ПАСКАЛИ ПРЕТСТАВЕН ПРЕД КРИВОПАЛАНЧАНИ

Мултимедијална изложба со уникатна инсталација направена специјано за уметничката галерија во ЛУ Градски музеј Крива Паланка, дело на познатата уметница Ирена Паскали , синоќа беше претставена пред кривопаланчани кои беа освоени од интензитетот на различните изразни облици.

Изложбата насловена Inrfinity (Бесконечност) ја претстави Паскали како комплексен автор на визуелната уметност, совршено компонирајќи ги во целина инсталацијата во простор од целулоидни ленти и камен, видео, фотографија и цртеж.

„Кај Паскали се е поврзано и се развива во нова идеја и концепт. Имено, се е поврзано со линијата која постојано е во движење и е бесконечна“, истакна кураторот на изложбата Ѓорги Костовски, историчар на уметност од ЛУ Градски музеј Крива Паланка.

Паскали предизвика интерес кај публиката пренесувајќи го своето искуство од престојот и создавањето дела во Того, Африка, кои беа претставени на изложбата, како и со нејзиниот концепт за уништување на инсталациите по завршувањето на изложбите.

„Инсталациите се напрвени само за тој објект , значи специјално само за местото каде  што се изложува. Кога ќе заврши изложбата јас не можам да ја пренесам во некој друг музеј, во некоја друга галерија, значи инсталацијата мора да се уништи.  Тоа е во смисла како Кристо  ги создава делата и на крајот мора да се уништат“, појаснува Паскали.

Мултимедијалната и наградувана уметница која веќе 10 години живее и твори во Келн, Германија, за првпат се претставува пред кривопаланечката публика.

„ Голема чест ми е што изложувам пред публиката во Крива Паланка.  За мене секогаш публиката е многу ценета и не игра никаква улога дали сум во мал или голем град,  за мене е битно таа да ужива во изложбата, да пробуди интерес  и да комуницира со авторот, а токму тоа го доживувам во Крива Паланка“ истакна Паскали.

Изложбата „Бесконечност“ е поддржана од Министерството за култура и е дел од програмата на „Крива Паланка-Град на културата 2024“.

Големина на фонт
Контраст