Преку стихови и цветинови цвеќа во Крива Паланка упатени пораки за мир

Преку универзални пораки за мир и авторски цветни подароци, големиот хуманист и миротворец, Живко Поповски-Цветин денес во Крива Паланка приреди вистинско уживање за публиката на мултимедијалниот настан “Со стихови и цвет, мир во целиот свет”.

Настанот во организација на Националната установа Центар за култура Крива Паланка се одржа на градскиот плоштад во Крива Паланка,каде во симбиоза со авторот и неговото уметничко творештво продефилираа  петнаесетина млади литерати од градот и десетина идни сликари, кои под менторство на професорите Лазо Ѓоргиевски, Јасна Ѓоргиевска и Габриела Стојановска од Основното општинско училиште “св Јоаким Крчовски” твореа и се претставија пред публиката.

-Од Крива Паланка упатувам порака за мир и љубов до сите деца од светот, преку децата од Крива Паланка, како единствена општина во светот со “Цветинова награда за мир посветена на децата” со една порака за: мир, солидарност, храна и љубов за сите деца од светот. Порачувам сите да бидат похумани, зашто бедните се секаде околу нас, осамените и несаканите, како што говореше светицата Мајка Тереза. Затоа порачувам да ги шириме меѓусебното разбирање и соработка,за мир и поубав свет за сите, рече Цветин.

Тој додели “Цветинова награда за мир за сите деца од Крива Паланка” и “Порака за мир за Градот на културата”, збогатувајќи ја манифестацијата”Крива Паланка -Град на културата ” со својата хумана мисија за која два пати беше номиниран за Нобелова награда за мир.

Настанот го збогати музичарот Ванчо Арсов од Кочани, а дел од младите уметници читаа творби посветени на Цветин, ми подарија и уметнички дела посветени на неговата работа, а академскиот сликар Нела Јанковска му подари слика – цвет.

Настанот, воедно,е дел и од програмата на “Кривопаланечко културно лето 2024”.

Големина на фонт
Контраст