Двете стихозбирки посветени на семејството, најблиските, ќерките и внуката на поетесата Благица Велковска:”Две сонца” и “Малечката Ана” беа промовирани во рамки на манифестацијата “Крива Паланка – Град на културата” и “Кривопаланечко културно лето 2024”.
Стиховите изнедрени од поетското перо на паланчанката Велковска вечерва прозвучија во фоајето на НУ Центар за култура Крива Паланка, во интерпретација на членовите на литературниот клуб “Калин”, кадешто активно членува авторката.
За поезијата посветена на нејзините ќерки, испреплетена со вечната конфронтација помеѓу доброто и лошото во “Две сонца” и стиховите за деца со многу љубов, раскажувања за убавото, импресии од природата, животните и животот во книгата за “Малечката Ана” говореше промоторот, Оливера Станковска, а стихови читаа: Марица Митева Станковска, Мира Георгиевска и Лила Тодоровска, како и ќерката на Велковска, Алиса Филиповска.
Промоцијата понуди лепеза убави зборови за сите деца од светот и претставува одлична лирска книжевна вечер на “Крива Паланка – Град на културата” и “Кривопаланечко културно лето”.