Стартот на визната либерализација за Македонија, свечено беше одбележан од Општина Крива Паланка, на 19 декември, со пригодна културна манифестација во Центарот за култура. Паѓањето на шенгенсиот ѕид и ставањето на Македонија на белата шенгенска листа од страна на Европската Унија, е од огромно значење и за нашата општина, која е најблискиот град до земјите-членки на големото европско семејство. Со укинувањето на визите се очекува Крива Паланка и нејзините граѓани да ги интензивираат непречените контакти со соседните земји и другите европски држави, а истовремено се отвараат и големи можности за забрзан локален и регионален развој.
Интензивирањето на економската, социјалната и секаков друг вид соработка со соседите и другите европски земји ќе биде наша цел врз која ќе ја градиме иднината. Слободниот проток на патници и стоки ќе го искористиме за нови проекти и трансгранични продукти, кои ќе донесат просперитет, а транзитниот сообраќај ќе ни овозможи максимално да ги употребиме своите туристички капацитети во развојот на општината.Тоа ќе го направиме заеднички со нашите пријатели од Дупница и Ќустендил од кои ја имаме подршката и со заедничкли напори ќе работиме на унапредувањето на регионот, истакна градоначалникот на Крива Паланка , Арсенчо Алексовски, во своето обраќање пред кривопаланечката јавност, по повод безвизниот режим.
На прославата во Центарот за култура учествуваа КУД „8-Ми Октомври“ и КУД „Карпош“ од Крива Паланка, Староградското друштво „Распени паланчани“, Дувачкиот оркестар од Општина Ќустендил и Фолклорниот ансамбл „Зора“ и брејк групата „Денс машиин“ од Општина Дупница.
Во чест на визната либерализација се одржаа и повеќе спортски натпревари, а учениците од ОУ „Јоаким Крчовски“, ОУ „Илинден“ и СОУ „Ѓорче Петров“ приредија изложба на литературни и ликовни творби во Центарот за култура.
Свеченоста на 19 декември заврши со огромен огномет пред зградата на Општината.