Кривопаланечкиот крај е познат по својата богата традиционална култура, која претставува важен дел од етнолошкото и културно наследство на регионот, беше истакнато на предавањето „Традиционалната култура во кривоаланечко“ што се одржа во рамки на Меѓународниот фолклорен фестивал „Свети Јоаким Осоговски“ чиј организатор е НУ Центар за култура, со поддршка на Општина Крива Паланка.
Професорите од Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, д-р Зоранчо Малинов, д-р Родна Величковска и д-р Стојанче Костов се осврнаа на спецификите на традиционалните носии и празничната обредност во контекст на етимолошкиот термин „Славиште“, потоа на етномузиколошките карактеристики, пред се обредното пеење, како и карактеристиките на ората, во кривопаланечко и пошироко.
„ Кривопаланечко е дел од поширокиот шопски крај, кој се протега низ Македонија, Бугарија и Србија. На македонската територија, овој крај опфаќа области како што се Крива Паланка, Кратовско, Козјачијата, Пијанец, Малешевија, па се до Струмичко поле. Овие региони се познати по специфичниот дијалект, носии и обреди, кои се претставуваат и истражуваат од различни аспекти“, истакна д-р Зоранчо Малинов.
Тој нагласи дека кривопаланечкиот крај има доста развиена традиционална култура и дека во 80-тите години од минатиот век се вршени истражувања од страна на Институтот за фолклор за кои се прават напорите заедно со Центарот за култура и локалниот музеј во Крива Паланка, да се документираат и презентираат пред јавноста.
Покрај ова предавање , беше одржан и мастерклас за културното наследство на Крива Паланка и околината , насловено „На Јаким“ со етнокореологот Бојан Петковски, каде беа презентирани вредни информации за облековната култура и разликите од Западниот и Источниот дел на Славиште, со посебен осврт на карактеристиките на етничкиот предел Дурачка Река. Пред бројната публика во кино салата на НУ Центар за култура беше прикажана и филмуваната реконструкција ” Не плети Лесо”,посветена на обичајната култура и носијата на Дурачка Река.
Сите овие активности се насочени кон зачувување и промоција на уникатните аспекти на традиционалната култура во кривопаланечко и се дел од Фолклорниот фестивал и манифестацијата „Крива Паланка-Град на културата 2024“.