Прес-конференција на градоначалникот Митовски за запознавање на граѓаните со динамиката на изведба на главната улица, реконструкцијата доведена во прашање

Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, на денешната прес-конференција  изнесе детално образложение на причините за продолжување на рокот за градба и динамиката на реализација на проектот „Реконструкција и проширување на улицата св.Јоаким Осоговски“.

Проектот предвидува нова, безбедна, модерна сообраќајница со проширена трета лента на одредени делови, нови 18 паркинг места, дрвореди со урбан лик и ново јавно осветлување. Првичниот рок за реализација на проектот беше октомври 2024 година и истиот е пролонгиран, со краен рок 30 април 2025 година.

– Рокот е пробиен, проектот е закочен, а главната  причина за тоа се претставките од страна на поединци што континуирано пристигнуваат до општината, иако досега се одржани  четири јавни презентации од страна на Општина Крива Паланка како корисник на проектот, направени се две измени на проектот и дополнително техничко решение. Состојбата на терен и она што е секојдневна слика на градот е  споротивна од она што треба да го добијат граѓаните и она што е наша цел – подобар и побезбеден сообраќај за сите граѓани. Денес, ниту имаме функционална, ниту имаме реконструирана и проширена улица, возилата се паркирани на тротоарите, а за сметка на тоа, пешаците се движат по коловозот, рече Митовски.

Граѓаните во изминатиот период трпат поради некомплетираниот проект на потег од раскрсницата кај градскиот музеј до „Соалрски мост“ и незавршени работи на терен, поради што и градоначалникот ја одржа оваа прес-конфереција за да ги запознае граѓаните со реалната состојба поради која проектот не се имплементира согласно динамиката и проектираното.

– Причините за тоа се претставки од граѓаните кои континуирано приговараат и бараат разни, неосновани измени на проектот, додека општината ги има исцрпено сите ресурси и можности за измени на самиот проект, поради што, најверојатно, оваа Фаза-1 од проектот ќе се сведе само на рехабилитација и нема да се реализира зацртаното урбано и безбедно сообраќајно решение, првично предвидено со овој капитален проект, вреден 40.000.000 денари, рече Митовски.

Рече, централната улица е оптеретена и не ги задоволува потребите за нормално секојдневно функционирање, а проектираното решение со нивелирање на постојната подлога, изработка на кружен тек и проширување на улицата со помошна лента за запирање и паркирање треба да го регулира и овозможи побезбеден сообраќај.

-Новото сообраќајно решение е изработено по сите стандарди и правила на Светска Банка, со кое се решаваат неколку проблеми од аспект на безбедноста на учесниците во сообраќајот, пред сè на учениците од училиштето „Свети Јоаким Крчовски“, кои секојдневно мака мачат безбедно да стигнат на училиште поради  узурпација од возила на просторот околу влезот на училиштето. Истовремено, овој проект има цел да придонесе за подобра функционалност на сообраќајот во централното градско подрачје. Oпштината работеше две години на проектот што е изработен по сите стандарди и правила за проектирање сообраќајници, под надзор на експерти од Светска банка, со изнаоѓање на најдоброто можно сообраќајно решение што ќе одговори на потребите на населението, имајќи предвид дека проектната единица на Светска банка секогаш го има предвид и социјалниот аспект, рече Митовски.

На барање на граѓаните извршени се две измени на проектот, а дополнително изготвено е ново техничко решение што одговара на нивните барања, наведени во претставките, прифаќајќи ги и интегрирајќи во проектното решение.

– Бидејќи нашата работа е служба на граѓаните, направивме напори да им удоволиме на барањата изнесени од нивна страна. Но, на четврата јавна презентација одржана на 21 февруари, иако беше претставено ова решение, во кое се отстранети според нив „спорните“ елементи, повторно не наидовме на позитивен исход од оваа тенденциозна ситуација. Оттука, морам да заклучам дека повеќе од очигледно е дека овде веќе не се работи за потреба од прилагодување и изнаоѓање решенија, туку се работи на инструирана опструкција на проектот, бидејќи истите лица продолжија со негативните ставови за кочење на постапката. Да беа овие претставки реални и издржани, јас сум убеден, ќе се изнајдеше заедничко решение. Но, за жал, се работи за ситни лични интереси и суетност, спротивни на интересите на останатите граѓани на Крива Паланка.Одговорно тврдам, дека општината ги има исцрпено сите ресурси и  можности за измени на проектот, извршени се дополнувања и со нови адаптирани технички решенија, по што, не ни останува ништо друго освен проектот да се сведе на едноставна рехабилитација на улицата, иако истата, по сите стручни согледувања од страна на експертите е преоптоварена и не ги задоволува потребите за секојдневно функционирање. Недозволиво е и бесмислено, ние макотрпно да работиме  за да  обезбедиме  средства за проекти со кои градот ја менува урбаната слика, а сето тоа да биде на некој начин деградирано од страна на поединци кои имаат една единствена цел- кочење и опструкции, злоупотребувајќи го социјалниот апект кој е многу битен според строгите правила на Светска банка, додаде Митовски.

Тој јавно ги запраша граѓаните кои цврсто стојат на ставот дека во Крива Паланка не треба да се изгради кружниот тек, предвиден со проектот, дали е совесно  граѓаните да останат без квалитетно и модерно решение по сите стандарди на Светска банка и сите стандарди за решавање на пешачкиот и автомобилски сообраќај, со високо ниво на безбедност на пешаците и останатите учесници во сообраќајот и подобра функционалност.

-Не сум ниту јас, како градоначланик, ниту е поразена локалната власт, зашто ова не е  „наш “ проект, не е за нас и само за оние што денес живеат во Крива Паланка, туку е за сите граѓани и за идните генерации и генерациите после нас. Сметам дека граѓаните на Крива Паланка заслужуваат ново, квалитетно, безбедно и модерно сообраќајно решение во кое пред се тротоарите ќе бидат во функција на безбедно движење во сообраќајот. Кој и да биде исходот, ние како општина работиме за граѓаните. Токму народот е тој што ни ја дава довербата и народот нека ни суди. Мојата енергија и работа, заедно со општинската администрација – продолжува да се преточува во проекти, изградба и инвестиции за добробит на сите наши сограѓани, додаде Митовски, порачувајќи дека граѓаните заслужуваат да ја знаат вистината.

Проектот за реконструкција и проширување на  улицата “Св.Јоаким Осоговски” беше проектиран во две фази. Претставките се однесуваат на делницата од првата фаза, од  “Соларски мост“ до долот “Нумулија“, потег на кој е предвидена и изградба на кружен тек за полесно и побезбедно одвивање на сообраќајот, нивелација на теренот, изградба на платформа за проширување на постоечкиот профил на улицата и обезбедување на дополнителни паркинг места и пошироки тротоари за безбедно одвивање на пешачкиот сообраќај. Голем дел од проектните планирани активности се променети со прифатените престтавки од граѓаните, како: откажување на општината од 9 паркинг места и насместо 18, ќе се има само 9 нови, отстранет е планот за потпорни-парапетни ѕидови, а граѓаните тековно приговараат за изградбата на кружен тек. Втората фаза од реконструкцијата, од раскрсница кај долот Нимулија до населба “Единство“, со опфатени  решенија за сите потребни инсталации: електрика, водовод и атмосферска и фекална канализација, беше завршена уште на средината на минатата година.

Средства за реализација на проектот се обезбедени од Светска банка преку Министерство за транспорт.

Големина на фонт
Контраст