Со предавање на тема „Семејното насилство врз старите лица“, Општинската организација на Црвен крст од Крива Паланка го одбележа Меѓународниот ден на старите лица – 1 Октомври. Предавањето беше реализирано од страна на професорите од Институтот за социјална работа и социјална политика при УКИМ, д-р Сунчица Димитријоска и д-р Владимир Илиевски.
На работилницата беше истакнато дека психичкото населство е најизразено кога станува збор за старите лица, за разлика од физичкото, и сексуалното, кои се помалку застапени. Како посебен вид на насилство со кој се соочени лицата од третото доба беше посочено економското насилство, односно моќта на посилните членови кон послабите и постарите, кои се злоупотребуваат заради финансиско искористување. Најчести извршители на делата во кои жртви се старите, пак, се помладите членови од семејството, од страна на кои и најчесто се регистрира насилството.
Во рамките на одбележувањето на Денот на старите лица, ООЦК Крива Паланка и претставници од локалната самоуправа ја посетија и 96-годишната Стојана Стојановска од Крива Паланка, која е најстара жителка во градот и меѓу најстарите жители во општината. Тие и однесоа цвеќе, хуманитарен пакет и други пригодни подароци, со желба барем накратко да и ги разубават старечките денови во нејзиниот скромен дом.