Рокот за запишување дечиња во предучилишната установа, детска градинка „Детелинка“ од Крива Паланка истекува денес, но поради зголемениот интерес од страна на родителите за згрижување на нивните дечиња пријавување и запишување ќе се врши и во следните денови, информираат од „Детелинка“. Директорката, Жанета Маџовска, потенцира дека минатата година ја завршиле со рекорден број дечиња, дури 400.
-Лани во сите предучилишни групи, јасли, градинка и забавиште беа згрижени вкупно 400 деца, рекорден број од формирањето на установата. Поради тоа со Одлука на Советот на општината беше зголемен и бројот на групи за згрижување, па годинава иако до денес се врши упис, бројот на пријавени дечиња е веќе над 400. Веќе е подготвена и одлука за распределба и нови групи и дополнителен наставен кадар-изјави Маџовска.
Таа додаде дека фактот што бројот на дечиња од година во година се зголемува е охрабрувачки.
-Бројот на запишани дечиња е и показател дека и наталитетот во општината расте. Минатогодишната бројка на запишани деца е рекордна во изминатите 5 децении, а годинава најверојатно истата ќе ја надминеме. Но, подготвени сме и просторно и кадровски да ги прифатиме сите деца. Имаме три објекти во Крива Паланка, а веќе втора година работи и новиот клон на „Детелинка“ во соседната општина Ранковце кој функционира во просториите на ООУ „Христијан Тодоровски-Карпош“-рече Маџовска.
Таа ги повика сите родители кои планираат да ги запишат своите дечиња, а тоа не го сториле од која било причина, истото да го сторат што поскоро.
ОУЈДГ „Детелинка“ е формирана во 1963, функционирала во склоп на основното општинско училиште „Јоаким Крчовски“, а самостојно работи од 1972 година.