Архитекти и градежни инженери се ангажирани од локалната самоуправа на Крива Паланка да изработат нов проект за комплетно уредување на коритото на Крива Река, која треба да добие нов лик. Целта е со новите урбанистички решенија на вливот на Дурачка во Крива Река, во центарот на градот, да се направи атрактивно решение.
– Ги вклучивме стручните лица по потекло од Крива Паланка, кои веќе се докажани во својата струка, заеднички да изготвиме современо и атрактивно решение за уредувањето на коритото на Крива Река и во градското подрачје да направиме нов повеќенаменски простор за граѓаните. Посебен акцент ќе биде ставен на вливот на двете реки, кој треба да биде своевидна туристичка атракција според новиот проект – вели градоначалникот Арсенчо Алексовски.
Според договорот, ќе биде изготвена локална урбанистичка планска документација за реката во градскиот реон, кој опфаќа површина од 10 хектари. Предвидена е содржајна урбана опрема, која ќе го збогати и преобликува просторот, но и ќе добие нова функционалност. Проектот е од особено значење затоа што предвиденото уредување на Крива Река се наоѓа веднаш до магистралниот пат кон Деве Баир и може да биде основа за привлекување туристи.
– Формирано е координативно тело и веќе се дадени првичните идеи за изготвување на локалната урбанистичка планска документација. Посебна грижа се води за изборот на опремата што ќе биде вметната во предвидените урбани содржини, а која нема да биде пречка за протокот на Крива и на Дурачка Река. За нивниот влив, пак, се бара посебно решение – истакнува Добривој Николовски, раководител на одделението за урбанизам, градежни работи и заштита на животната средина.
Во тек е изработка на нацрт-план и на програма, кои треба да бидат прифатени од стручните лица и во нив да бидат вметнати најдобрите идеи и решенија. За дел од коритото општината веќе има добиено грант од 1,5 милион денари, со кои ќе се уредат пешачка и велосипедска патека. Но, општината бара комплетно решение за целото корито за да не се попречи понатамошното уредување со парцијалните проекти.
– Неопходно е да се донесе комплетна документација за целиот простор во градот, а не да се оди со парцијални решенија, кои во иднина може да се одразат врз реализацијата на предвидената програма – вели Николовски.
Архитектите и инженерите истакнуваат дека мора да се размислува и за решение со кое ќе се овозможи патот на рибите, кој сега е попречен од високите каскади изградени на Крива Река. Тие предлагаат заезерување на одредени места на реката со гумени перници, потоа изградба на водоскоци и други атрактивни објекти, кои ќе го преобразат речното корито во привлечен туристички локалитет. Новото решение треба да обезбеди и заштита од поплави од реките, кои во изминатиот период предизвикаа огромни штети врз инфраструктурата во градот.
Извор: Дневник