Акцијата „Сите за чиста и зелена Крива Паланка“ има за цел да се исчисти и разубави животната и работната околина, а во истата масовно се вклучи општинската администрација, вработените во институциите и јавните претпријатија, учениците и наставниците од основните и средното училиште, вработените од приватниот бизнис сектор, здруженија на граѓани, месни заедници и бројни граѓани на Крива Паланка.
Акцијата опфати собирање отпадоци од јавните и зелените уредени и неуредени површини, крај патни површини, паркиралишта, спортски терени, речни корита, дворни површини на колективните згради и институциите. Распоредени во групи, на повеќе локации во градот, во кејот на Крива Река, долж ролерско-велосипедската патека, на патот кон манастирот, учениците и нивните наставници но и сите останати граѓани ја направија оваа акција најмасовна досега.