Новиот градоначалник на Крива Паланка го прими уверението од ОИК

Претседателот на Општинската изборна комисија од Крива Паланка на свеченост која се одржа во Градскиот музеј му го врачи уверението на новиот градоначалник Борјанчо Мицевски, кој на првиот круг од изборите на 15 октомври како кандидат на коалицијата предводена од СДСМ освои повеќе гласови од противкандидатот, поранешниот градоначалник од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, Арсенчо Алексовски.

Мицевски во обраќањето изрази благодарност до граѓаните кои го поддржаа и до сите кои придонесоа за фер и демократски избори.

– Благодарност до граѓаните што ми ја дадоа довербата и се надевам ќе ја оправдам. Во наредниот период ќе работам во реализација на се што ќе биде добро и полезно за општината. Благодарност и до ОИК за професионалноста во работењето и што изборите протекоа во демократска атмосфера, но и до претходниот градоначалник за се што е сработено и предизвиците со кои се справиле успешно. Наша задача како градоначалници е да оставиме белег на времето со својата работа, рече Мицевски.

Алексовски му го честиташе изборот на Мицевски посакувајќи му успешна работа.

– Ви честитам и посакувам успешно да работите во следниот период. Нас градоначалниците не ценат по она што сме го сработиле и оставиле на граѓаните. Работев посветено и како градоначалник се трудев да создадам дела за добро на граѓаните. Сметам дека направив многу за општина Крива Паланка и очекувам новиот градоначалник да направи уште повеќе, порача Алексовски.

На свеченоста на градоначалникот, Борјанчо Мицевски симболично му беше врачен и општинскиот клуч.

По добивањето на уверението, во градоначалничкиот кабинет беше направено примопредавање на печатите и пописната листа со што Борјанчо Мицевски и официјално стапува на функцијата градоначалник на Крива Паланка.

За утре се очекува да му биде неговиот прв работен ден како прв човек на општината.

 

 

Големина на фонт
Контраст