Во Локалната установа Градски музеј, Крива Паланка денес се одржа конститутивна седница на Советот на општина Крива Паланка кој ќе биде составен од деветнаесет советници. Уверенијата за советници ги додели заменик претседателот на Општинската изборна комисија, Методи Додевски.
Новиот општински Совет ќе биде во состав, дванаесетмина советници од кандидатската листа на Коалицијата за локални избори 2017, предводена од СДСМ, со носител Изабела Павловска која на локалните избори на 15 октомври освои 7293 гласови, а останатите седум советнички мандати ги освои кандидатската листа на коалицијата предводена од ВМРО –ДПМНЕ, со носител Игор Тодоровски, која освои 4824 гласа.
На изборите учествуваше и кандидатска листа на Левица, со носиетл Јованче Маџовски, која со совоени 219 галса не освои ниту еден советнички мандат.
По доделувањето на уверенијата, советниците формираа комисија за верификација на мандати, а подоцна за претседател на Советот на општина Крива Паланка беше избрана Изабела Павловска од СДСМ.
Честитајќи им го изборот на новите советници градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, рече дека малкумина ја имаат честа да бидат во улогата на советници и одговорноста, според него, е голема, да се работи за да се остави белег на времето.
-Ќе работиме да се имплементираат проекти од интерес на сите граѓани и од интерес на развој на локалната самоуправа. Советниците се и посредници помеѓу граѓаните и нивните потреби и локалната власт, кои идеите и проблемите на жителите ќе ги преточат во проекти за добробит на сите, но советнициет се и финансиери, затоа што заедно со мене ќе работат на изнаоѓање средства и финансии за реализација на програмите кои ќе ги имплементираме. Посакувам да бидеме сите во функција на служба за граѓаните, со цел по четиригодишнито мандат да оставиме проекти со кои ќе се гордееме, порача Мицевски.
На првата, конститутивна седница на Советот на Крива Паланка присуствуваше и Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство кој потекнува од Крива Паланка, Љупчо Николовски.