Општина Крива Паланка со усвојување на одлуката за реализација на проектот за Воспоставување на регионален систем за управување со отпад во Североисточниот плански регион, како и преку останати проекти кои во моментот се имплеменитарат, е активно вклучена во програмите на Центарот за развој на СИПР, истакна на денешната средба со градоначалникто на Крива Паланка, Младен Протиќ, раководител на Центарот за развој на СИПР.
Средбата се одржа во насока на усогласување на активностите за свикување конститутивна седница на Регионалниот совет на СИПР.
-На седницата на тој регионален совет ќе треба да се усвои приоритетна листа на проекти за 2018 година со кои СИПР ќе аплицира по програмата на Бирото за регионален развој и Програмата на Министерството за локална самоуправа за следната година, истакна Протиќ.
Во Регионалниот совет на СИПР членуваат сите шест општини од регионот, Крива Паланка, Куманово, Кратово, Ранковце, Липково и Старо Нагоричане.
На денешната седница на Советот на општината е усвоена и одлуката за спроведување на проект за воспоставување регионален систем за управување со отпад во Североисточен плански регион, финансиран во рамките на ИПА 2 програмата, со кој се предвидува изградба на регионална депонија во месноста К’шање, Свети Николе.
-Проектот ќе се одвива во четири фази, позначајно за нашата општина е што ќе се изврши санирање на постоечките диви депонии на територијата на Крива Паланка, кај месноста Самоков и кај село Конопница и ќе се изврши култувирање на површината, општината ќе набави 192 контејнери, ќе добие две возила за компактирање и еден камион со рамна платформа со кран, ќе се изгради транспортен центар во Ранковце и целосно дислоцирање на депониите до новата регионална депонија во К’шање, истакна градоначалникто на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски.
Со средства обезбедени преку СИПР од ИПА програмата за прекугранична соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија на ЕУ во моментот е во тек проектот „Промоција на туристички атракции во 3Д“, во чии рамки се врши реконструкција и модернизација на двете сали за седници на локалната самоуправа на општина Крива Паланка.