Градоначалникот Мицевски посети дел од корисниците на проектот „Грижа за стари лица“

Градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, денес заедно со координаторот на проектот Елена Христовска,  посети дел од корисниците на услугите на проектот „Грижа за стари лица“.

При посетата, Градоначалникот директно се информираше за значењето и ефикасноста на помошта и поддршката која ја добиваат овие лица, како и за динамиката на одвивањето на активностите од проектот.

Овој проект се имплементира во рамки на Програмата Општинско-корисна работа, а е поддржан од Организацијата за развој на Обединетите нации- УНДП, Агенцијата за вработување на Република Македонија и Министерствотот за труд и социјална политика. Општина Крива Паланка е носител на проектот и учествува со сопствени средства во имплементација на истиот.

– Посетивме неколку лица од реонот на село Станци кои ги користат услугите од проектот, два пати неделно се посетувани од страна на стручните лица, медицинско лице и волонтер кои им мерат шеќер во крв и крвен притисок, им обавуваат неопходни домашни активности, помагаат во вршење административни работи, им плаќаат сметки и слично, но пружаат и психолошка поддршка, која судејќи по исказите на самите стари лица, по нивните емоции при самата посета, верувам дека им значат многу повеќе, изјави Мицевски.

Проектните активности ги спроведуваат 15 ангажирани невработени лица од општината, од кои едно е лице со попреченост, 100 отсто слепо лице, кое пружа услуги како физио-терапевт- масер.  Во првиот месец од реализација на проектот  „Грижа за стари лица“ ангажираните лица од општина Крива Паланка извршиле околу 700 посети и активности кај старите, осамени и изнемоштени лица од општината.

-Партнер во реализација на проектот е Општинска организација на Црвен крст, Крива Паланка, а корисници се 162 лица од девет рурални населби на подрачјето на нашата општина, дел од нив нови корисници, дел-лица кои во првата етапа ги користеа овие поволности и беа заинтересирани повторно да бидат опфатени. Некои од корисниците се стари и осамени, со деца кои живеат во друг град или странство, па се радуваат само на друштвото и вниманието кое им е укажано, додека некои, како хронично болните, на ваков начин редовно ги контролираат здравствените параметри, истакна координаторот на проектот, Елена Христовска.

Проектот се спроведува во девет рурални населби: Жидилово, Узем, Костур, Станци, Дурачка Река, Конопница, Мождивњак, Тлминци и Длабочица, а активностите е предвидено да траат до крајот на март 2018 година.

Големина на фонт
Контраст