Работилница за јакнење на капацитетите на локалните актери за градење проекти за заштита на животната средина се одржa денес во Локалната установа градски музеј, Крива Паланка.
Настанот го организира Здружението на социјални работници на град Скопје, во соработка со Министерство за животна средина и просторно планирање на Република Македонија, а учествуваа претставници од Меѓуопштински центар за социјални работи од Крива Паланка, од воспитно-образовните институции од општината, градинката, општинска администрација и здруженија на граѓани.
-Целта на работилницата е да ги обедини локалните актери да соработуваат во рамки на придонесот во заштита на животната средина. Денес ќе гo процениме нивото на знаења во изготвување проекти на присутните, а идејата е истите да ги надополниме и да дадеме знаења, но и подоцна да изготвиме проекти од областа на заштитата на животната средина кои ќе можат да се аплицираат до одредени донатори, изјави Славица Шекуткоска, претседател на Здружение на социјални работници на град Скопје.
Градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, рече дека не случајно се присутни најрелевантните општествени чинители кои можат директно да влијаат на свеста на, пред се, најмладите жители на општината.
– Токму воспитно-образовните институции се тие што на децата од најмала возраст им всадуваат здрави и позитивни навики за заштита на животната средина, кои понатаму ќе ги применуваат во текот на животот. Процесот на создавање на висока свесност за тоа како треба да ја зачуваме животната средина е нешто што треба постојано да се негува и гради. Инспекцислите служби се тука само за да ни го насочат вниманието дека треба да ги почитуваме законските одредби и правила или одредена стратегија, но на свеста кај луѓето е таа на која треба да влијаеме-не со казни, туку со укажувања и активности кои ќе влијаат на развивање на повисока колективна свест за ова прашање,посочи Мицевски.
Крива Паланка е прва од вкупно четири општини во Македонија кои ќе бидат опфатени со проектот „Јакнење на капацитетите на локалните актери за градење проекти за заштита на животната средина“ кој се очекува да ја подигне на повисоко ниво свеста за зачувување на животната средина во локалните заедници.