Во Локалната установа Градски музеј, Крива Паланка се одржа јавна дебата „Јавни информации достапни за лицата со попреченост“, дел од истоимениот проект на Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ .
На дебатата присуствуваше градоначалникот на КриваПаланка БорјанчоМицевски, претставници од Меѓуопштински центар за социјални работи, основните и средни училишта, од Дневниот центар за лица со попреченост, невладини организации и други. Во рамките на овој настан беше потпишан и Меморандум за соработка помеѓу Општина Крива Паланка и Здружението за промоција и развој на инклузивно општество, „Инклузива“.
-Проектот има за цел да го процени, подобри и оцени сегашното ниво на пристапност на општинските веб- страници за лица со различен вид попреченост во Североисточнито дел на Македонија, да им овозможи на лицата со попреченост да го практикуваат своето право на пристап до информации од јавен карактер во локалната заедница, како и во државните институции и да им помогне на општините да обезбедат соодветен пристап до информации за лицата сопопреченост, како и да спречат дискриминација по основ на попреченост, информира Благица Димитовска, координатор на проектот.
Ние преку општинската веб-страна и преку останатите медиуми постојано се трудиме да ги информираме граѓаните за нашите активности и делокруг на работа, за нашите одлуки и чекори во надминување на градење на општество кое ќе ги вклучува сите граѓани. Во таа насока само она што ќе се објави не е доволно, а доколку не стаса до крајните корисници, до сите лица, со попреченост, но и од руралните средини, доколку не ја добијат информацијата, не сме ја постигнале целта. Во тој контекст, со меморандумот кој го потпишавме со „Инклузива“ се обврзуваме дека сите информации кои ќе ги објавиме ќе бидат достапни за лицата со пречки во развојот, изјави градоначалникот Мицевски.
Во насока на зголемување на нивото на достапност на информациите до сите лица, согласно Конвенцијата на ОН за права на лицата со попреченост, ратификувана од страна на РМ, како и согласно акцискиот план на Владата на РМ 2016-2018 година во претстојниот период во рамки на проектот ќе се организираат обуки во шесте општини за лица со попреченост, и ќе се достави извештајот ва достапност до сите општини во државата во соработка со Министерство за локална самоуправа на РМ.