Паланка ќе штеди струја

Планирано е потрошувачката на енергија во општинските згради да се намали за 10 до 15 проценти, а со тоа и за 15 до 20 отсто да се намалат средствата од буџетот за покривање на овие потреби.
Непотребно се троши големо количество електрична енергија за објектите во сопственост на Општина Крива Паланка, поради лошата состојба во која тие се наоѓаат, покажувале анализите.
Административните, образовни, културни и други јавни објекти се стари, многу слабо изолирани, со огромни трошоци за електрична и топлинска енергија. Се уште нема прецизна евиденција за вкупната потрошувачка во над 25 општински згради, од кои најголем дел се образовни, како и за можностите за поефикасно искористување на енергијата.
 
Мерките за енергетска ефикасност за локалната власт е новина, а со нив ќе се отпочне годинава за да се заштеди енергија и да се намалат буџетските трошоци за оваа намена. За таа цел предвидени се околу 34 милиони денари, кои ќе бидат обезбедени од општинскиот буџет, од донации и преку кредити.

– Со оваа програма предвидена е обука на вработени, изготвување стратегија, проекти и физибилити студии, техничка документација за гасификација на централниот и на идустрискиот дел од градот и за примена на мерките за енергетска ефикасност на зградата на локалната самоуправа. Околу 25 милиони денари, пак, кои ќе се обезбедат преку кредит, ќе бидат наменети за изградба на мини-хидроцентрали на цевководот од Станечка Река. Со овие мерки ќе се спречи бескорисното трошење струја и ќе се намалат буџетските трошоци, кои ќе бидат искористени за локалниот економски развој – вели градоначалникот Арсенчо Алексовски.

Како прв конкретен чекор за подобрување на енергетската ефикасност е реновирањето на зградите на ОУ „Илинден“ и „Јоаким Крчовски“. Со донација од ИПА-програмата обезбедени се околу 560 илјади евра, со кои веќе е почнато реновирањето во повеќе училишни објекти.

– Во двете централни училишта и училишнита зграда „Партизан“ во градот, како и во училиштето во село Конопница ќе бидат комплетно заменети покривните конструкции и столаријата. Со замена на дотраената и несоодветна инсталација и конструкција, значајно ќе се подобри состојбата и ќе се заштеди енергија – вели Алексовски.

Според стратегијата за енергетска ефикасност за период од 4 години, која е во тек на изработка, планирано е потрошувачката да се намали за 10 до 15 проценти, а со тоа и за 15 до 20 отсто да се намалат средствата кои го оптоваруваа буџетот за покривање на овие потреби.

– Потребен е интегрален пристап за планирање на енергетската политика на локалната самоуправа со согледување можности, алтернативи, дефинирање цели, подрачја на приоритети и потребни мерки, како и обезбедување финансиски средства. Тие ќе бидат конкретизирани со стратегијата, а со програмата за 2011 година ќе се изврши дополнителна обука на администрацијата во делот на менаџирање со потрошувачката на електрична енергија во општинските објекти. Тоа ќе бидат енергетски менаџери и контролори, а општината веќе се здоби и со право на користење софтвер за собирање податоци за енергетска ефикасност, во рамките на проектот на УНДП, во соработка со ЗЕЛС – објаснува Антонио Давитковски од Одделението за локален економски развој.

Општината ќе ја подобрува енергетската ефикасност и преку искористувањето на обновливите извори на енергија.

– Веќе е во завршна фаза изработката на потребната документација за изградбата на мини-хидроцентрали на постојните цевководи, а се бараат и други начини за искористување на алтернативните извори на енергија. Пред с`, на сончевата, која би се користела во градинките и во Домот за ученици, каде што има зголемена потреба за парното греење, за пералните и за кујните – вели Давитковски.

 Извор: Дневник

 

Големина на фонт
Контраст