„Мојата визија за современиот свет во кој би сакал да се реализирам себеси” е темата на која во четврток беседеа четиринаесетмината средношколци од средно општинско училиште „Ѓорче Петров”, Крива Паланка на четвртата ораторска вечер која се одржа во холот на училиштето.
На настанот присуствуваа неколку стотици посетители од јавниот живот во градот, професори и ученици, а за најуспешен говорник според критериумите на жири комисијата беше прогласена Ангела Стамболиска.
-Сите ученици работеа напорно со нивните ментори, професорите по македонски јазик и литература, ги креираа говорите, вежбаа интерпретација и дикција. Постоеја критериуми за нивно оценување, а учесниците минаа низ одреден филтер, за да вечерва сите посведочат на квалитетот на нивното говорништво, рече професор Лилјана Стојановска.
Ораторската вечер е во организација на активот по македонски јазик и литература во СОУ „Ѓорче Петров”.
Второ место освои ученичката Викторија Стаменковска, а трето Миа Колевска. Тројцата најдобри оратори добија награди од училиштето, а директорката Габриела Стаменковска најави дека од градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, кој присуствуваше на настанот добиле ветување дека следната година локалната самоуправа ќе обезбеди и парични награди за најдобрите оратори за поттикнување на говорништвото кај младите.
Настанот беше збогатен со забавно- уметничка програма на која учениците читаа стихови од Кривопаланечката поетеса Оливера Станковска, која беше и специјален гостин на вечерта, а талентирани ученици музицираа на гитара и пееја.
Фото галерија