Неколкуилјадна публика од Крива Паланка, Куманово, Скопје, Кратово, како и од Ќустендил, соседна Бугарија, присуствуваше синоќа на концертот на популарната екс ЈУ поп-рок група „Црвена Јабука“.
Пред концертот градоначалникот, Борјанчо Мицевски, приреди прием на менаџерскиот тим и фронтменот на групата, Дражен Жериќ-Жера, доделувајќи му општинска плакета и сувенири од градот.
-Сум гостувал на многу места низ Македонија, во повеќе градови од сите краеви, ама прв пат сум во Крива Паланка. Градот ме освои со неговата убава природа и срдечноста на гостопримливите домаќини. Драго ми е што овдешната публика ги бара нашите песни. Ова е мој стоти концерт годинава. До крајот на 2017 имам уште три, а оттука продолжувам на настап во Бања Лука. Ќе понесам одична енергија која ми ја пружија луѓето што ме вгостија, а ако имам можност, на драго срце би дошол овде повторно, рече Жериќ.
Публиката уживаше во хитовите на „Црвена јабука“:„Има нешто од срца до срца”, „Волио бих да си ту”, „Дирлија”, „Тамо гдје љубав почиње”, „Туго несречо” и други, а како предгрупа на настанот настапија „Музаик“.
Предновогодишниот концерт се одржа на плоштадот „Карпошово востание“ во Крива Паланка, а со овој настан беше заокружена богатата културна понуда во општината која започна на 25-ти месецов.