На централниот градски плоштад во Крива Паланка се одржа традиционалната Бадникова прослава во организација на локалната самоуправа на општината. Со беседа од свештенослужителите од Кривопаланечкото архиерејско намесништво, посна Бадникова трпеза и лепче со паричка од минатогодишниот кум, Бранко Величковски и топла ракија и чај беше одбележан Бадник.
Отец Дејан Апостоловски низ беседа посочи дека љубовта е најголемиот крст кој може да се носи и кој секогаш е тешко да се износи до крај, заради тоа што подразбира откажување од себеси во слава Божја и за спасение на ближниот. Токму заради нас и наше спасение, рече, Бог не го поштеди својот бозљубен син кој беше распнат на крст заради наше искупување од власта на смртта и гревот.
-Затоа, оти радост ни се нуди и ни е пружена рака на спасение, се што дише нека се зарадува и нека извикне со радосни солзи: Христе, кој за нас снисходиш и за нас пострада, слава ти.
Христос се роди!, рече Апостоловски.
На настанот присуствуваше министерот зз земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, кој ќе биде кум на Бадник следната година, градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, и неколку стотици граѓани од општината.
-Вчера бев на вечерна богослужба во Бигорскиот манастир, а денес, како што е ред, дома-овде, со Вас. Утре, пак, во манастирот Св.Јоаким Осоговски. Благодарам за можноста да бидам кум наредната,2019, година. Бог слезе на Земјата за да им служи на луѓето. Верувам дека годинава и секогаш сите ние ќе работиме и служиме во име на доброто на народот, порача Николовски.
Во обраќањето пред сограѓаните Мицевски им посака многу здравје и среќа, но секако и слога, разбирање и љубов.
-Ако постои љубов, ќе има хармонија и разбирање, ако постои почит, тоа е голема човекова доблест, а ако постои простување-нема да има никакви недоразбирања меѓу човечкиот род. Во таа насока, ги честитам празниците, посакувам домови исполнети со љубов, почит и хармонија, рече Мицевски.