Во текот на вчерашниот ден, Општина Крива Паланка беше домаќин на тимовите за имплементација на прекуграничниот ЕУ проект ,,Туризам без граници“. Овој проект е финансиран од Европската унија преку програмата за прекугранична соработка помеѓу Р.Македонија и Косово, и во него заеднички, како партнери, учествуваат општина Витина и општина Крива Паланка.
Овој заедничкиот проект спаѓа во групата на инвестициски проекти и предвидува изградба на пешачки патеки во двете општини, како и низа на други неинвестициски активности, кој освен што треба да придонесат за унапредување на туризамот и туристичката понуда во двете општини, исто така треба и да дадат придонес за интензивирање и продлабочување на соработката, како на локално ниво така и помеѓу двете соседни држави, градење на заедничка европска иднина, што всушност претставува и основна цел на ИПА програмата на ЕУ.
Во рамки на работната средба, тимовите за имплементација на проектот беа примени и од страна на градоначалникот Борјанчо Мицевски, кој со големо задоволство го поздрави почетокот на активностите, со надеж дека во иднина соработката со општина Витина може да се прошири и унапреди и на други полиња кои се од интерес на граѓаните од двете страни.