Во организација на Мировниот корпус и на Министерството за локална самоуправа на 14.03.2018 во Скопје се одржа Форум со градоначалниците на кој беа презентирани искуства на волонтери од САД кои што престојуваат во повеќе општини во Република Македонија и се ангажирани во локалните заедници.
На Форумот, во присуство на амбасадорот на САД Џес Бејли, министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, директорот на Мировен корпус Марк Ханафин, градоначалниците и други претставници од општините, говореше покрај другите и градоначалникот Борјанчо Мицевски.
– Историјата на волонтери на Мировниот корпус во Крива Паланка започнува кон средината на деведесетите години кога во Крива Паланка доаѓа волонтерот Дејвид во СОУ Ѓорче Петров. Веднаш по него доаѓа и Крис кој е прв волонтер кој волонтира во Општина Крива Паланка како институција. Тој работи на тогаш важните потреби на општината кои произлегуваат од зголемените надлежности, приближување на општината до граѓаните како и на проектни апликации за обезбедување на финансиски средства.
Крива Паланка ќе ги памети Дејвид, Крис, Дарси, Линда, Џастин, Аби, Кајл.
Поголем број на волонтери беа вклучени во образовните установи во градот и оставија силен белег на повеќе генерации ученици. Волонтерите заедно со локалните соработници организираа и реализираа активности во насока на спроведување на интерактивен пристап и креативност во спроведувањето на наставата по англиски јазик, подготовка на дополнителни материјали како помошно средство во наставата, учество во воннаставни активности, формирање на секции што ја поддржуваат употребата на англиски јазик, како и помагање при донации на книги на англиски јазик во училиштата.
Оваа успешна соработка со волонтерите на Мировен корпус и општина Крива Паланка сигурно ќе продолжи и понатаму, се со цел развивање и унапредување на знаењето, вештините, искуствата и меѓусебното разбирање, а во насока на задоволување на различните потреби на локалната заедница, истакна градоначалникот Мицевски.
Настанот е организиран во пресрет на Повикот за аплицирање за волонтери за 2018 година, на кој што можат да учествуваат сите заинтересирани основни и средни јавни училишта, општини и невладини организации. Следната група на волонтери ќе пристигне во Република Македонија во септември 2018 година и ќе вклучува наставници по англиски јазик, дефектолози и специјалисти за развој на заедницата. Крајниот рок за пријавување е 27 април.