Кошаркарките од КК „Крива Паланка“ државни вицешампионки во кадетска конкуренција до 14 години

Младите кошаркарски надежи на КК „Крива Паланка“, девојчињата родени 2004/05 година викендов го освоија второто место на Државен турнир во кадетска конкуренција во организација на Македонска кошаркарска федерација.

Турнирот се одржа во спортски центар „Јане Сандански“, а учествуваа екипите на КК „Трокал“, Кавадарци, КК „Крива Паланка“, Крива Паланка, КК „бадел 1862“, Скопје, КК „Струга 2009“, Струга, КК „Гостивар„, Гостивар и КК „Пелистер“, Битола.

Високото втро место во државата паланчанки го освоија по турнир-систем: игра секој со секого, а во финалето избраничките на Ведран Белешковски и Мирослав Ивановски беа совладани од избраничките на Никола Златев од КК „Трокал“.

Финалиот натпревар од турнир за девојчиња до 14 години заврши со резултат 33-19 , но борбеноста, пожртвуваноста и добрата одбрана на младите кошаркарки од нашиот град не изостанаа до последна секунда, иако уморот по целодневниот турнир беше очигледен.

Кадетките од КК „Крива Паланка“ се пресметаа со кошаркарките на „Трокал“  во финалето, по двете победи во групната фаза од турнирот.Имено, како што се наведува на официјалната веб-страна на МКФ http://www.mkf.mkпрвата победа ја остварија во рамки на групата Б против кошаркарките на „Гостивар“ со убедливи 53-16. Брзината и силната игра под кошевите беа адутот на Паланчанки кои уште на почетокот на натпреварот наталожија доволна разлика за удобна игра до крајот на натпреварот.

Во вториот меч КК „Крива Паланка“ се пресмета со Струга 2009, натпревар во кој резултатската позитива беше повеќе на страната на Крива Паланка, а кошаркарките на Струга 2009 не успеаја да ја анулираат негативата пред себе и да се изборат за финале. Крива Паланка – Струга 2009  финишираше со  23-15.

Претстојниот период тренерите ги интензивираат активностите за доусовршување на техничко-тактички елементи во играта, до претстојниот државен турнир , трет по ред во МКФ М-14 лигата, закажан за средината на април.

Викендов две Кривопаланечки кошаркарки, Милена Стојановска (2002) и Клименетина Ангеловска (2003) учествуваа на првиот тренинг со кадетската женска репрезентација до 16 години под водство на тренерското трио во состав Стојна Вангеловска (селектор), Енвер Мифтари (помошник тренер) и Горјан Стојановски (ментор). Овие девојки се очекува претстојното лето да земат учество на Европското првенство, дивизија Б кое ќе се одржи во Подгорица, Р. Црна Гора.

Големина на фонт
Контраст