Осумдесетина млади кошаркарки од Кошаркарски клуб „Крива Паланка“ беа дел од дводневниот тренинг-камп за кошарка, каде специјалната гостинка, Едина Муса, професионална кошаркарка и репрезентативец на Македонија, работеше на развивање на нивните кошаркарски вештини.
Активноста е дел од проектот на „Тим Крива Паланка: Развивање на животни вештини преку спорт” кој го имплементира ГЦОР „ЕГРИ“, Крива Паланка, со поддршка на TAKT – Together Advancing Common Trust, Мировен корпус на Македонија и USAID Mакедонија.
-Ако во одредени моменти помислив дека женската кошарка во Македонија е во криза, од она што во овие два дена го видов и доживеав во Крива Паланка, ми влеа надеж и ме израдува, дека токму оттука ќе почне обновата на репрезентативните тимови во овој спорт во иднина. Верувам дека овој клуб и луѓето кои ги запознав, кои работат посветено и со љубов, ќе придонесат за унапредување на женската кошарка во Македонија, истакна Едина Муса.
Покрај кошаркарските тренинзи и усовршување техничко-тактички елементи за игра, кои опфатија еден сегмент, кампот опфати и активности за развој на лидерски вештини, тимска работа, комуникација, како и подобрување на личното здравје и физичката подготвеност на кошаркарките.
-Јас сум пресреќен што можам во соработка со кошаркарскиот клуб да придонесам за унапредување на младите спортисти, да ги подобрам кондициските способности на играчите, нивната координација, издржливост, а воедно и да ги подобрам нивните спортски перформанси преку имплементација на континуирани тренинзи, со динамични и специфични вежби. Овие дечиња веќе достигнаа успех, подобрувајќи ги пласманите на државните турнири за играчи до 14 години, каде се вицешампионки, а планот е до крајот на сезоната да достигнат највисоки резултати, рече Кајл Бутчер, волонтер на Мировен корпус во РМ, координатор на проектот.
Кампот вклучи и активности со работилници за здравје, лична хигиена и хигиена на исхрана, како и јакнење на лидерските вештини пружи и ТАКТ.
-Наша цел е да создадеме што повеќе девојки лидери, посочувајќи им на ситe придобики кои спортот ги нуди, менувајќи ги психофизичките карактеристики на секоја индивидуа. Целта е нивната упорност и верба во себе си да бидат на највисоко ниво, со цел остварување на соништата, следење на целите кои им носат придобивки и успеси, рече Магдалена Спасовска, извршен директор на „ТАКТ“.