Две семејства од социјално ранливи категории од Крива Паланка кои живееја во дел од опожарени бараки на влезот на општината, се времено дислоцирани и згрижени до изнаоѓање на трајно решение.
Семејствата се со ранливи лица, едното е седумчлено семејство, со пет деца, од кои едно е со пречки во развојот, додека другото лице е само, со хронична болест и е примател на еднократен паричен надоместок. Сите осум лица се привремено згрижени и овозможени им се основни услови за живеење, до изнаоѓање соодветно трајно решение.
Една од опциите е обезебдување место во зградата со социјални станови во градот, информира градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски. Тој ја посети локацијата од која опожарените бараки беа отстранети, расчистен е теренот од страна на екипи на Јавно претпријатие „Комуналец“ и се планира доуредување на локалитетот кој се наоѓа на самиот влез во општината, кај клучката со магистралнито пат А2, Куманово-Крива Паланка-граничен премин Деве Баир.
-Работиме на изнаоѓање начин да се уреди овој локалитет, да се постави урбана опрема, но и во преговори сме со странски донатори за обезбедување донација на нови, посовремени бараки во кои ќе може да домуваат ранливи категории лица, додава Мицевски.