Ќе се формира Асоцијација на градови од пограничниот регион на Македонија и Бугарија

Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, вчера присуствуваше на работната средба на 30-тина градоначалници од пограничните региони на Македонија и Бугарија која се одржа во Куманово и на која се донесе одлука за формирање Асоцијација на градови која треба да го олесни патот на пограничните општини за користење на средствата од ИПА Програмата за прекугранична соработка.

На првата работна средба присутните градоначалници од градовите од двете страни на границата, ги искажаа своите очекувања и размислувања како би требало да се одвива оваа соработка, во која насока да се движи и како градовите да се насочат кон нови перспективи. Асоцијацијата и локалните самоуправи преку разни проекти подеднакво ќе работат на забрзување на одржливиот економски развој во прекуграничниот регион, на унапредување на социјалната интеракција и културната размена  како и на развивање и унапредување на квалитетот на животот во овие градови.

-Општина Крива Паланка ја поддржува иницијативата која е во насока на Договорот за добрососедство потпишан од  премиерите на Р.Бугарија и Р.Македонија, Бојко Борисов и Зоран Заев, кон крајот на минатата година.  Ова можеби ќе биде прв ваков успешен пример за официјализирање и  давање на правен субјективитет на асоцијација на општини од два погранични региона. Границата не е физичка пречка и бариера, туку предизвик за постигнување на повисоко ниво на пријателство и соработка на општините од Бугарија и Македонија, рече градоначалникот Мицевски.

Тој истакна дека Крива Паланка е една од општините со најголем процент на искористени срeдства од програмата ИПА за прекугранична соработка.

На средбата во Куманово, присуствуваше и заменик- амбасадорот на Бугарија во Македонија, Даниела Бодинова која потенцираше дека она што е договорено меѓу двете влади треба да се применува на локално ниво меѓу општините, постетувајќи на потпишаниот договор за добрососедство и нагласи дека Бугарија со сите сили ќе ѝ помага на Македонија, вклучително и дека бугарските општини ќе им помагаат на македонските.

Заменик- министерот за локална самоуправа, Дејан Павлески потсети дека двете министерства остваруваат одлична соработка и дека имало заеднички проекти и  создадени реалции меѓу општините, администрациите и граѓанскиот сектор.

На средбата беше донесен заклучок во кој е наведено дека ќе се информираат регионите од двете држави да назначат технички лица кои ќе работат на правната регулатива, а администрациите на Куманово и Ќустендил ќе отпочнат со подготовка на конститутивното собрание на Асоцијацијата кое ќе се одржи во Ќустендил.

Големина на фонт
Контраст