По повод Денот на планетата земја, 22 април, YMCA Битола – организација за вклученост и создавање можности на младите и Мировен корпус Македонија организираа еколошки активности во Крива Паланка за подигнување на свеста за значењето на животната средина.
Во активностите учествуваа девојчиња, членки на „GLOW“ клубот во Крива Паланка. Девојките учеа за рециклирање, екологија и користење разградливи материјали на работилницата насловена „Еколошки сервис“, под менторство на Кајл Бутчер, волонтер на Мировен корпус, Македонија.
-Реализираме проект како еколошки базиран сервис, со кој младите учеа за екологија, а девојките како млади женски лидери користеа расположливи рециклирачки ресурси и материјали за намалување на отпадот, бидејќи 99.4 отсто од отпадот во Македонија завршува на депониите. Девојчињата направија саксии од еко-материјали засадија цвеќа и ги подарија на дамите-сопственички на производство и бизнис од градот, информира менторот Кајл Бутчер.
Тој истакна дека целта е да развиваат млади женски лидери во заедницата.
-Преку состаноци кои ги одржуваме во клубот двапати месечно, креираме проекти за заедницата со кои се подобруваат можностите за сите млади. На состаноците младите лидери учат демократија, личен развој, надворешни активности, тимска работа и лидерство, додаде Бутчер.
Мировен корпус Македонија и YMCA Битола организираат камп за пријателство и лидерство за млади лидери од Македонија наменет за момчиња и девојки. Целиот камп ќе се одржи на англиски јазик, а ќе биде спроведен во Шула Мина во Крушево.