Одбележување на Светскиот ден на книгата во кривопаланечката библиотека „Кочо Рацин“

Со презентација на постојниот книжен фонд, стручни наслови, белетристика, лектирни изданија и книги за деца, библиотеката „Кочо Рацин“ Крива Паланка го одбележа Светскиот ден на книгата.

-Целта е да се доближи книгата и пишаната литература до читателската публика, до сите граѓани и да се привлечат поголем број читатели за да може книгата да го добие местото кое го заслужува,  а за жал, во ерата на електронските медиуми и објави, е запоставена и по малку, заборавена- изјави Даниела Петровска, раководител на библиотеката која функционира во Национална установа Центар за култура, Крива Паланка.

На изложбените штандови по повод отворениот ден на библиотеката беа претставени стотина наслови од вкупниот број од над 43 000 библиотечни единици, книжен фонд со кој располага библиотеката.

-Пишаниот збор и книгата се поттикнувачи на човековата фантазија, отвораат нови светови знаења, нови хоризонти и нови авантури, различни за секој читател. Иститите треба да бидат стимул да се привлечат по голем број читатели, чиј број постојано се намалува, додава Петровска.

По повод Денот на книгата, членови на литературниот клуб „Калин“ кој активно работи при библиотеката, основци и средношколци, денес учествуваат на пролетната поетска манифестација „Пролет, љубов, смеа“ во Свети Николе.

Големина на фонт
Контраст