Дваесетина студенти од пет европски држави учествуваат на годинашната Меѓународна пролетна школа „Етнографија на социјализмот” која до 10 мај ќе се одржи во манастирскиот комплекс Св.Јоаким Осоговски кај Крива Паланка.
Школата се одржува трета година по ред во организација на Институтот за етнологија и антропологија, Скопје во партнерство со општина Крива Паланка и ЛУ Градски музеј Крива Паланка, каде синоќа беше означен официјалниот старт на школата.
-Поканети се заинтересирани слушатели-студенти кои сакаат да се запознаат подетално со културно-општествениот живот, социјалните и економски прилики во периодот на социјализмот. Во следните десетина дена ќе се работи низ четири концептуални теми на курсот:разбирање, економија,визуелизација на социјализмот, но и методологија на терен преку истражувачка работа и секојдневни разговори на студентите со живи извори од населението во Крива Паланка кои се сеќаваат на тоа социјалистичко време, изјави проф.д-р Љупчо Ристески од Институт за етнологија и антропологија,Скопје.
На школата ќе предаваат професори од Институтот во Скопје, но и гости професори од Институтот за етнографија на Велико Трново,Р.Бугарија: проф.д-р Магдалена Карамихова и проф.д-р Петко Петков и проф.д-р Маица Филак од Словенија.
-Учествуват студенти од Полска, Србија, Бугарија, Македонија и Германија кои пројавија интерес да добијат што е можно подетални податоци и анализи на најзначајните карактеристики и специфичности на социјалистичкото уредување и комунистичката идеологија и нивните рефлексии врз секојдневното живеење на обичните луѓе. Тоа и теренски ќе го осознаат во Крива Паланка, која е вистински пример за социјалистичко градче каде во 60-те и 70-те години на минатиот век тројно се зголемил бројот на жители, според истражувањата, а на сметка на тоа се празнат селата и населението во нив, додава Ристески.
Идејата е школата да стане дел од културната и образовна програма на градот Крива Паланка, интегрирајќи се во Годишната програма на локалната самоуправа, а Институтот да биде партнер на општината.