Градоначалникот Борјанчо Мицевски присуствуваше на инфо настанот на отварањето на проектот „Социјална инклузија преку социјални мрежи помеѓу граѓански организации и социјалното претприемништво“ што се одржа во Куманово на 17.05.2018. Проектот е финансиран од Европската Унија, а имплементиран од Фондација за развој на мали и средни претпријатија од Куманово во соработка со организацијата „Линда“.
Фокусот е даден на два региона Североисточниот регион и Источниот регион во градовите Куманово, Крива Паланка, Штип и Виница.
Преку серија обуки планирано е да се надгради капацитетот на лицата од маргинализираната категорија за да можат многу полесно да дојдат до пазарот на трудот или да отворат сопствен бизнис и да се самовработат.
Проектот нуди иновативни и интерактивни начини на подобрување на капацитетите (вештини, знаење и ставови) на заинтересирани лица и организации кои ќе можат да користат онлајн платформа и да учат преку онлајн курсеви, но исто така и да учат еден од друг преку онлајн активности. Покрај онлајн учењето, ќе се организираат обуки и студиска посета. Проектот се фокусира на потребата за развој на вештини за вработување и само-одговорен однос кон вработувањето. Покрај директен одговор на потребите на невработените граѓани во регионите, исто така нуди простор за развој на компетенции на веќе успешни претприемачи кон инклузивен пристап во нивната работа.
Сите заинтересирани граѓански организации од Куманово, Крива Паланка, Штип и Виница чија дејност е фокусирана на теми како: човекови права, владеење на правото, заштита на ранливи (маргинализирани) групи, дискриминација, заштита на лица со попреченост и др. можат да се пријават за учество во програмата за обуки „Зголемени капацитети за застапување, граѓански активизам, нови технологии и подобрување на социјалната вклученост на ранливите групи“ (пријава)
Краен рок за пријавување е 25-ти мај (петок) 2018 година до 16:00 часот.