Продолжувајќи ја низата победи на домашен терен, третолигашите од КК,,Крива Паланка,, ги победија и првите на табелата, екипата на „Борец баскет“ од Велес. Изминатиот викенд салата „Илинден“ беше главниот спортски мегдан каде кошаркарите од Крива Паланка извојуваа уште една, многу значајна победа, овој пат над најдобрите во лигата, „борците“ од Велес кои си заминаа поразени со 10 поени разлика-дуелот заврши 73-63.
Натпреварот изобилуваше со пресврти во играта и неизвесност до последните 5 минути, кога домаќините влегоа во поентирачки ритам ја зацврстија одбраната и постигнаа водство од 12 поени, за да на крајот го завршат мечот со 10 поени позитива.
Ако и во останатиот дел од сезоната кошаркарите на КК „Крива Паланка“ продолжат да играат во ист ритам, ќе се изборат за високо место на табелата кое води во повисок ранг на натпреварувања. Тоа ќе значи и подигнување на уште повисоко ниво на кошарката во градов, со што младите кошаркари и воопшто спортисти од градот ќе имаат достоен репер за достигнување, но и впишување на Крива Паланка на кошаркарската мапа на Македонија.