Јубилејна, десетта година по ред, во Крива Паланка се организира спортско-рекреативната манифестација Рели „Калин Камен 2018“ која се одржуваа под мотото „Да ги запознаеме убавините на Осоговските Планини“.
Организатори на релито се Општина Крива Паланка и Здружението на граѓани Авто мото клуб „Офф Роад Осогово“, а настанот е со ревијален карактер.
– Релито е предизвик, авантура, инспирација, неповторливо уживање во сите ретки убавини на Осоговието. И годинава одѕивот е голем, а досега, за деветте години учествувале над 5.000 учесници, изјави Аце Велковски, од „Офф Роад Осогово”.
Градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, рече дека оваа година има над петстотини учесници покрај претставници на државни и локални институции, има гости и од речиси сите градови од државата, како и гости од Бугарија и Србија.
– Задоволство е да се видат толкав голем број посетители во градот, а манифестацијата е бренд кој одбележува една деценија постоење – промовирање на Крива Паланка. Благодарност и до генералните спонзори, кои ја поддржаа манифестацијата годинава, изјави Мицевски.
Должината на патеката е 74 километри, 80 отсто од патеката е неасфалтиран пат, висинската разлика е 1.500 метри со највисока точка Царев Врв на 2.085метри надморска височина.
Патеката започнува на плоштадот во Крива Паланка, поминува низ прекрасните предели на Осоговските Планини, завршува во манастирот Св.Јоаким Осоговски, а на Царев Врв се придруживаат учесници и од Кочани и Македонска Каменица.
Рели „Калин Камен“ има за цел да ги промовира културно-историското и природното наследство на Крива Паланка и регионот.