Делегација на Општина Крива Паланка во посета на Општина Свидник во Р.Словачка

Делегација на Општина Крива Паланка предводена од градоначалникот Борјанчо Мицевски во периодот од 24  до 25 мај оствари официјална посета на Општина Свидник во Република Словачка. Повод за посетата на збратимената Општина Свидник, беше поканата по повод чествувањето на патрониот празник на оваа општина, а во рамките на посетата градоначалникот на Општина Крива Паланка Борјанчо Мицевски оствари средба со својот домаќин Јан Холодњак, градоначалник на Општина Свидник.

На средбата беше разговарано за унапредување на меѓусебните односи помеѓу двете општини, во рамките на начелата од договорот за нивното збратимување, размена на позитивни искуства и соработка на културен и економски план. Беше договорена возвратна посета на делегација од Општина Свидник предводена од нивниот градоначалник, предвидена за месец август 2018 година, по повод Меѓународниот фолклорен фестивал „Свети Јоаким Осоговски “, како и негово збогатување со фолклорна група токму од оваа општина, која што ќе го промовира богатиот и колоритен словачки фолклор и традиција пред граѓаните на Општина Крива Паланка.

Во рамки на чествувањето на патрониот празник на Општина Свидник беше одржана богата културно уметничка и забавна програма која што беше посетена од страна на членовите на делегацијата на Општина Крива Паланка, а беа посетени и повеќе институции, знаменитости и споменици на културата.

Големина на фонт
Контраст