На 10 јуни 2018 година се одржа Меѓународниот натпревар за класична музика „Арт-ин Велес“, во организација на здружението „Арт ин орг“ од Кавадарци, на кој учестуваа околу 250 натпреварувачи од повеќе земји на Балканот, и тоа од Македонија, БиХ, Хрватска, Србија и Црна Гора. Учесниците се натпреваруваа на сите класични инструменти, а најмногу на клавир-околу 90 пријавени. Меѓународниот натпревар „Арт ин Велес“ е формиран со цел да се развива културниот и образовниот живот, преку соработка и дружење на деца и возрасни музичари, односно уметници од целиот свет.
Градскиот оркестар „АЛЕГРО“- Крива Паланка доби Меѓународна специјална награда со освоени максимални 100 поени.
Стручното жири и публиката беа воодушевени од блескавиот настап на младите музичари од Крива Паланка.
– Беспрекорниот настап и заслужените награди се резултат на посветеноста на членовите на Градскиот оркестар „АЛЕГРО“, но и на поддршката што ја добиваме од локалната самоуправа и од родителите на младите музичари. Тие ја препознаа вистинската вредност на музичкото образование, а пред се, значењето на функционирање на градски оркестар како музичка репрезентативна форма со која во најдобро светло ќе ја претставуваме својата општина и нашите музички достигања, истакна проф. Лариса Жулина Митовски.
На Меѓународниот натпревар, оркестарот се претстави со дела од барокниот италијански композитор Џулио Качини- „Аве Марија“ и современиот руски композитор Андреј Петров-„Мелодија“.
Првонаградени се пијанистите:
Меглена Георгиева – прва награда (94 поени);
Матеј Георгиев – прва награда (96 поени);
Михаил Митовски – прва награда (93 поени), и
Маја Тасевска – прва награда (94 поени).
Во овој музички колектив членуваат околу 45 музички таленти, под раководство на професорката Лариса Жулина-Митовски, кои се закитија и со посебни дипломи-признанија.
Градскиот оркестар „АЛЕГРО“ постои само неколку месеци и е дел од Центарот за аудиовизуелни уметности од Крива Паланка. Функционирањето на оркестарот е овозможено со финансиска поддршка на Општина Крива Паланка.
– Со само неколку месеци работа, Градскиот оркестар „АЛЕГРО“ постигнува извонредни резултати,благодарение на професионалната и самопрегорна работа на професорот Лариса Жулина Митовски, која успева да го артикулира и изрази уметничкиот потенцијал на младите музичари. Истовремено, овој проект е пример за успешна соработка помеѓу локалната самоуправа и граѓанскиот сектор, која придонесува за културниот развој на заедницата, вели Методи Цветковски, претседател на Центарот за аудиовизуелни уметности.