Доделени благодарници и значки за крводарителите од Крива Паланка

Црвен Крст Крива Паланка повторно се вброи во најуспшените општински организации во Македонија на планот на крводарување за 2017 година, натфрлајќи го планот за крводарување од 711 единици крв, за дури 45,1 проценти, со вкупно остварени 1032 доброволни крвни единици.

На свеченост по повод Светскиот ден на крводарителството, 14 јуни, Црвен Крст Крива Паланка додели благодарници и значки за остварени крводарувања во текот на изминатата година на вкупно 35 крводарители од Крива Паланка и Ранковце.

На настанот признание преку значки и благодарници им беа доделени на крводарителите кои во 2017 година оствариле 5, 10, 25, 50 и 100 дарувања.

-Чест ни е што можеме јавно да ги истакнеме сите поединци и институции кои во минатата година  дадоа најголем придонес на полето на крводарителството. Омасовувањето на крводарителството е задача на сите чинители поврзани во оваа општествена дејност и радува фактот што бројот на крводарители се зголемува и крвта се обезбедува од нови млади дарители, а не само од повеќекратни крводарители, истакна Дарко Пешовски, секретар на Црвен Крст, Крива Паланка.

Признание за најмногу дарувања од двете општини, сто крводарувања, доби Камберов Исман, значки за 50 дарувања крв добија, Игор Петровски и Цене Поповски, шест  дарители оствариле 25, а значки беа доделени и за пет и десет крводарувања.

На настанот присуствуваа градоначалникот на Ранковце, Ивица Тошевски и претседателката на Советот на општина Крива Паланка, Изабела Павловска.

Павловска упати честитки за постигнатите успеси во 2017 година на дарителите, хуманите граѓани и успешното реализирање на Годишниот план на Црвен крст, Крива Паланка, а локалната самоуправа на Крива Паланка додели и финансиска награда  за дарителите, 6.000 денари за остварени 100 и по 3.000 денари на дарителите со 50 крводарувања.

Црвен крст Крива Паланка како знак на благодарност и поддршка додели републичко признание на општина Крива Паланка и општина Ранковце за покажаната хуманост и солидарност во остварување на целите за институционалниот развој и програмските активности на организацијата.

Големина на фонт
Контраст