„Излези да играме“ во Крива Паланка

Здружението за поддршка и развој на бизнисот и претприемништвото „Бизнис Клуб“ од Крива Паланка ова лето ги кани најмалите кривопаланчани, како и гостите во градот на игра на отворено.

Под мотото „Излези да играме“ еднаш неделно се организираат најразлични забавни, спортски и едукативни игри. Традиционалните ластик и кленџик повторно станаа дел од градската улица.

Кога временските прилики не дозволуваат игрите се организираат во спортската сала „Бранители 2001“

-Игрите се наменети за деца од сите возрасти. Идејата е најмалите да се отргнат од компјутерите и паметните телефони. Иако првичната замисла беше игрите да се одржуваат на отворен простор, временските прилики во последниов период не ни беа наклонети. Што се однесува до игрите, играме најразлични забавни игри, ластик, игри со топка, популарната традиционална „кленџик“. Организираме игри за повозрасни дечиња со натпреварувачки карактер, едукативни и логички игри… Ги групираме децата според возраста и го одредуваме соодветно типот на игрите,  вели Сузе Вучковска, задолжена за организација на детските игри.

-Активностите за игри на најмалите кривопаланчани ќе продолжат во текот на целото лето. Летниот распуст и пријатната клима во нашиот крај се идеални за дружба на отворено. Досега сите настани на кои учествуваа децата преминаа во вистински незаборавни доживувања. Улицата има некоја посебна магија кога на неа се слуша детскиот џагор. Едноставно воздухот е преполн со смеа. Се радуваат и дечињата и нивните родители и баби и дедовци, но и случајните минувачи. Задоволни сме бидејќи нашата идеја беше да ги мотивираме децата да се дружат, да се забавуваат, да научат нешто ново, бидејќи верувајте дел од новите генерации на деца ниту имаат слушнато, ниту знаат за традиционалните улични игри со кои пораснаа нивните родители, вели Андријана Ивановска Давитковска, која е иницијатор на проектот.

Проектот е поддржан од локалната самоуправа на Крива Паланка, а игрите се бесплатни за сите деца.

Големина на фонт
Контраст