Денес во просториите на ЛУ Градски музеј, градоначалникот на Општина Крива Паланка Борјанчо Мицевски, заедно со претставници на организациониот одбор на рок фестивалот „Џој Фест 2018“, оддржаа прес конференција на која ги најавија претстојните културни настани кои се предвидени во Програмата за кривопланечкото културно лето.
Оваа година Општина Крива Паланка заедно со културните установи од градот, како и организациите кои се занимаваат со култура и уметност, организираа богата културна програма која се реализа во летниот период, а насловена како ,,Кривопаланечко културно лето“, како и настани кои ќе следат во текот на месец септември. На денешниот прес беа најавени културните манифестации, кои ќе се одвиваат во наредните неколку дена.
Во своето обраќање, градоначалникот Мицевски првин упати голема благодарност до генералниот спонзор на ,,Кривопаланечко културно лето“, менаџерскиот тим на Булмак 2016, Министерството за култура, локалните институции од сферата на културата, до сите поддржувачи на овие настани како и до општинската администрација вклучена во планирањето и реализацијата на истите, а потоа редоследно ги најави културните настани кои започнуваат со XIV Интернационалниот фолклорен фестивал „Свети Јоаким Осоговски“ од 24 -26.08.2018г., рок фестивалот „Џој Фест 2018“ на 25.08.2018г., концерт на Јелена Томашевиќ на 27.08.2018 г.
Посебен акцент беше ставен на чествувањето на големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица на ден 28.08.2018 г. кој традиционално и масовно се прославува во Крива Паланка. Покрај утринската литургија во црквата ,,Свети Димитрија“ од 08.00 часот и Литијата во чест на Свети Јоаким Осоговски од 09.00 часот, предвидено е пуштање во употреба на општинските сали од 10.00 часот, а кои се реконструирани во рамки на проектот ,,Промоција на туризмот во 3D“.