Истакнатиот македонски актер Благојa Чоревски е годинашен добитник на единствената награда на Mеѓународниот театарски фестивал „Свети Јоаким Осоговски“, што јубилејно по десетти пат ќе се одржи од 14 до 22 септември во Крива Паланка.
Благојa Чоревски потекнува од актерско семејство, а Факултет за драмски уметности завршил во Софија, а работниот век го поминал во Драмскиот театар во Скопје и во текот на својата долгогодишна актерска кариера има остварено значајни улоги во многу драмски, телевизиски, филмски и радио проекти.
Меѓу поважните театарски улоги се издвојуваат неговите остварувања во претставите:
„Болва во уво“, „Полтена штица“, „Јадигар“, „Дупло дно“, „Карамазови“, „Крал Иби“, „Викенд на мртовци“, „Коприварник“, „Керубин“, „Ноќ спроти Водици“, „Р“, „Сили во воздухот“, „Шуаби ап“, „Кула Вавилонска“, „Женски оркестар“, „Чернодрински се враќа дома“, „Грев или шприцер“, „Животот е сон“, „Зоолошка градина“, „Сега му е мајката“, „Ревизор“, „Ни ќар ни зијан“, „Амадеус“, „Сон на летната ноќ“, „Маседоан, Одисеја 2001“, „Брачна игра“, „Нема да верувате“, „Цинко и Маринко“, „Хамлет од Долногаштани“, „Лет во место“, „Комшилук наопаку“ и други.
Со подеднаков успех Чоревски остварил улоги и во филмовите: Исправи се Делфина, Пресуда, Време, Води, Викенд на мртовци, Тетовирање и Самоуништување.
Добитник е на следните награди и признанија: Во 1972 год. – награда на весникот „Млад борец“ за најдобро актерско остварување; 1976 год. – награда „Златен Ловоров венец“ на Фестивалот на мали и експериментални сцени во Сарајево, за најдобро актерско остварување; 1979 год. – Стериина награда на фестивалот „Стеријно позорје“ во Нови Сад за најдобро актерско остварување; 1980 год. – Лауреат е на највисокото општествено признание Наградата „11 Октомври“ за особено значајни остварувања во областа на уметноста од интерес на Република Македонија; 1984 год. – Награда за најдобро актерско остварување на филмот и ТВ „Милтон Манаки“ според анкетата на ревијата „Екран“; 1984 год. – најпопуларно лице според анкетата на весникот „Вечер“; 1989 год. – Награда за најдобра епизодна улога од списанието „Вечерње новости“ на Стериино позорје во Нови Сад; 1992 год. – Награда за најдорбо актерско остварување на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ – Прилеп;1996 год. – Награда за најдобро актерско остварување на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ – Прилеп; 2003 год. – Награда за најдобар актерски пар во претставата „Брачна игра“ од Едвард Олби на четвртиот Меѓународен Украински Фестивал во Тернопол „Тарас Шевченко“; 2004 год. – Награда „Климент Охридски“ општествено признание за особено значајни остварувања во културата и уметноста од интерес на Република Македонија; 2007 год. – Златна маска за најдобро актерско остварување на Фестивалот „Охридско лето“ за улогата на Тевје во „Свирачот на покривот“ ; 2007 год. – Награда од дневниот весник „Битолски весник“ за најуспешен битолчанец од областа на културата во 2007 година; 2009 година – Награда за животно дело „Петре Прличко“; 2015 година- Награда за животно дело на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.
Чоревски извршувал и одговорни општествени функции бил директор на Драмски театар – Скопје, заменик Министер за култура на Република Македонија и претседател на Советот на град Скопје.
-Престижното признание „Свети Јоаким Осоговски“ за мене претставува голема чест од повеќе причини. Најпрвин поради фактот што го носи името на еден исклучително значаен светец во православието ширум светот кој бил познат и по своите исцелителни моќи, потоа заради огромното духовно и културно значење на еден од најубавите манастири во Република Македонија и секако затоа што сум вклучен меѓу знаменитите досегашни добитници на оваа награда како што се Милица Стојанова, Мето Јовановски, Зафир Хаџиманов, Јордан Плевнеш, Јелена Жугиќ, Петар Темелковски, Шенка Колозова – истакна Благоја Чоревски по веста дека е добитник на наградата.
Наградата ќе му биде врачена со свечена пригода на 14 септември, на почетокот на Фестивалот.
Инаку, годинава на Фестивалот ќе бидат изведени осум претстави со театри од Македонија, Србија, Хрватска и Бугарија, а во придружната програма ќе бидат промовирани неколку книги од областа на театарот и ќе бидат отворени неколку изложби на фотографија.