Денес во Крива Паланка беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Стопанската комора на Македонија и Општина Крива Паланка. Со Меморандумот се предвидува интензивирање на соработката помеѓу Комората и Општината во поглед на заедничко третирање на определени прашања на локално и регионално ниво, преку вклучување на бизнис заедницата во активностите на локалната самоуправа, со посебен акцент на прашањата од областа на локалниот економски развој и образованието.
Во современиот свет, конкурентноста на економиите се базира на знаења и вештини кои се стекнуваат низ процесот на квалитетно образование. Еден од проблемите кои ги идентификувавме, а кои беа потенцирани и од стопанствениците е проблемот со недостиг на квалификувана работна сила и нејзино бавно адаптирање на работните задачи и процеси. Затоа денеска имаме за цел да дадеме поттик на Општината, во соработка со бизнисите, континуирано да го подобрува образовниот процес, а ние преку поддршка од неколку проекти кои ги реализираме во моментот сакаме да останеме партнери во тој процес, нагласи претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески.
Со потпишаниот меморандум се зголемува можноста за заедничко делување по однос на прашањата кои нашите институции ги засегаат и верувам дека на тој начин придонесот ќе биде поголем и позначаен за локалната економија, посочи градоначалникот на Општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски. Градоначалникот потенцираше дека на соработката и престојат многу заеднички проекти и верува дека најавата за отворање на Регионална канцеларија на Стопанската комора на Македонија со седиште во Крива Паланка ќе служи како линк на стопанствениците од кривопаланечкиот регион, што ќе им обезбеди побрз и поефикасен пристап до услугите на Комората од една страна, но и можност за активно вклучување во активностите кои се од значење за регионот.
На средбата присуствуваше и министерот за надворешни работи, Никола Димитров кој ја поздрави соработката и истакна дека реализирањето на стратешките определби за влез во ЕУ и НАТО ќе отвори нови перспективи во регионот, како дел од големата европска фамилија и евро-атланската алијанса дополнително ќе ја зајакне нашата економија и ќе се добие пристап до многу фондови кои ќе бидат од помош за граѓаните и бизнис заедницата.
Во рамки на средбата беше констатирана и потребата од што побрзо осовременување на патната инфраструктура и значењето што Пан-Европскиот Коридор 8, го има врз идниот економски развој на Крива Паланка кој ги поврзува Скопје и Софија. Беа потенцирани и заедничките напори кои Комората и Општината ќе ги вложат за побрза реализација на овој клучен инфраструктурен проект.
Пред присутните свое обраќање имаше и Курт Вутрих, тим лидер на Проектот „Образование за вработување во Македонија“, кој е поддржан од Швајцарија и којшто во наредниот десетгодишен период има за цел да стимулира вработување преку подобрување на стручните вештини во земјава. Тој посочи дека во рамки на проектот ќе се овозможи поактивно вклучување на компаниите во интеракција со здруженијата и регионалните комори во рамките на Стопанската комора на Македонија, преку предлагање на активности кои ќе бидат од корист за подобрување на квалитетот на стручното образование.