Се креира визија за Осогово како идно заштитено подрачје

Денеска во општина Крива Паланка, преку Програмата за зачувување на природата во Македонија – проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), се одржа работилница на тема „Креирање визија за Осогово – идно заштитено подрачје“.

Целта на работилницата е локалното население и засегнатите страни да се информираат за активностите поврзани со процесот за прогласување на Осогово како идно заштитено подрачје и да се вклучат во креирањето заедничка визија за Осоговскиот регион.

– Програмата за зачувување на природата во Македонија не ги гледа чисто конзервациските аспекти за зачувување на природата, туку е со пристап за одржливо искористување на природните ресурси и промоција на ваквиот начин на искористување во развој и поддршка на локалниот социоекономски развој на заедниците – рече Марјана Шушлевска, тим-лидер на Програмата за зачувување на природата во Македонија.

Градоначалникот на општина Крива Паланка Борјанчо Мицевски ја отвори работилницата и истакна дека заштитата на природата е важна како и благосостојбата на локалното население и од тој аспект нагласи дека заштититените зони не треба да претставуваат пречка за социо-економскиот развој на општината и реализација на развојните планови и проекти.

Тој истакна дека покрај природните вредности овој регион е богат и со културни и традиционални вредности кои треба да се зачуваат.

На работилницата организирана од Македонското еколошко друштво учествуваа претставници од месното население и граѓанскиот сектор.

Работилница за креирање на заедничка визија за Осоговскиот регион се одржа и на Пониква за општините Пробиштип, Кочани и Македонска Каменица .

Дел од Осоговските планини се предвидува да бидат заштитени во категоријата заштитен предел.

 

 

Големина на фонт
Контраст