На сцената НУ Центар за култура –Крива Паланка, синоќа (23.09.2018г.) со претставата „Јас веќе не судам, тие ми пресудија мене“ во изведба на драмската секција на средното општинско училиште „Ѓорче Петров“ го заокруживме овогодинешното десетто по ред издание на Меѓународниот театарски фестивал „Свети Јоаким Осоговски“.
Претставата е работена во режија на професорките по македонски јазик и литература, Зорица Давитковска, Елена Јакимовска и Даниела Стојмировска
Изминативе неколку вечери кривопаланечката публика имаше можност да ужива во репертоарот и прекрасните изведби на театрските уметници од Хрватска, Србија, Бугарија и Македонија.
Гостуваа девет театарски ансамбли и театри: Театар „Комедија“, Народен театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес, Општински народен театар „Невена Коканова“, Дупница, Бугарија, „Југоарт продукција“ и Агенција „Призор плус“, Белград, Србија, Народен театар „Стерија“, Вршац, Србија, Градски театар „Јоза Ивакиќ“, Винковци, Хрватска, театар „Солзи и смеа“, Софија, Бугарија.
Во рамки на придружната програма на фестивалот се оддржаа промоции на книжевните дела: „Крилести одаи“ на младата авторка Јоана Шишкова, збирка од три драмски текстови од Трајче Кацаров, како и театарски критики во стих од Тодор Кузманов. Програмата понуди и две изложби на фотографии и тоа: Фотографии на примабалерината Зоица Пуровска Велевска и ретроспективна изложба на театарска фотографија и плакат од Стојанче Величковски.
Сите театарки вечери имаше преполана сала и долг аплауз со кој публиката ја покажа љубовта, љубопитноста и жеддта за нови драмски приказни и квалитетни и естетски издржани претстави.
Несомнено дека градејќи се себеси, фестивалот го позиционираше и градот Крива Паланка како епицентар во кој се премрежуваат културни збиднувања и настани и трајно го определи како простор за вонредна креација и впечатливи актерски остварувања.