Со положување цвеќе на спомен-бистата на паднатите борци од Народноослободителната борба на плоштадот „Карпошово востание“, во Крива Паланка почна одбележувањето на 8 Октомври, Денот на ослободување на oпштината.
Цвеќе положија делегација од општина Крива Паланка, предводена од градоначалникот Борјанчо Мицевски, делегација од Советот на општина Крива Паланка, предводена од претседателката Изабела Павловска, делегација од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство предводена од министерот Љупчо Николовски, делегација од Амбасадата на Украина во РМ, предводена од амбасадорот Наталија Задорожњук, делегации од збратимените општини: Свидник, Словачка, Лугож, Романија, Перечин, Украина, Млава, Полска, Вршац, Србија, Дупница, Р.Бугарија, како и од општините Бор, Србија, Трговиште, Србија, Витина, Косово, делегација од Националниот совет на националното малцинство во Србија, од општините Ранковце, Кратово, од општински Сојуз на борци, Крива Паланка, од политичките партии, делегации на јавните институции, Здружение на пензионери, Центар за економски анализи, Скопје и граѓани.
Чествувањето на празникот на градот продолжи со Свечена седница на Советот на општина Крива Паланка, каде свое обраќање имаше градоначалникот Борјанчо Мицевски.
-Денес навршуваат 74 години од ослободувањето на Крива Паланка, ден од кога градот почна да чекори по патот на просперитет, стабилност, развој и подем. Кога го славиме овој ден не може, а да не се потсетиме и на 1991-та и 2001-та година кои исто така беа пресвртница во историјата, а дел од кривопаланчани се втемелија во таа историја.
Целиот овој период општина Крива Паланка растеше и се развиваше во она што е денес – град со современа и модернизирана инфраструктура, урбанизиран и адаптиран на она што се нарекува современи стандарди и прилики за општествен напредок и развој. Во оваа прилика сакам да се заблагодарам на сите претходни генерации кои оставија траен белег за својот град и својата општина – истакна градоначалникот Мицевски во своето обраќање.
Говор на градоначалникот Мицевски на свечената седница
На седницата градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски и градоначалникот на украинскиот град Перечин, Иван Погорељук, потпишаа договор за соработка и за збратимување на двете општини.
-Јас се радувам што по посетата во мојот град денес сум гостин во вашата општина, пред толкав голем број делегации, членки на Европскиот сојуз и такви кои ќе пристапат во него. Нашата соработка, сигурен сум, ќе продолжи на економски, културен план, на полето на спортот и друго. На економски план се надевам дека ќе успееме да пронајдеме можности за успешна соработка која ќе трае, рече Погорељук.
Градоначалникот Погорељук се заблагодари на сите граѓани на Крива Паланка за сите почести и свечености организирани на денешниот ден, ден на сеќавање на тешките моменти од минатото, посакувајќи просперитет и добра иднина за сите.
На седницата беше доделени „Осмооктомвриската награда“ која годинава му припадна на професор доктор Јордан Михајловски за особени достигнувања и творечки труд во изминатите четири децении во кои Михајловски работел како универзитетски професор, автор е на монографијата за Крива Паланка, на повеќе книги за историјата и културното наследство на градот, општествен работник и деец, а неодамна ја напиша и првата спортска монографија -историја на спортот во градот во изминатиот век.
Благодарница за посебни достигнувања во областа на науката, образованието и спортот добија: кошаркарот Андреј Јакимовски, пинг-понгарката Ана Стојановска, ученичката Лина Рангелова и средно општинско училиште “Ѓорче Петров”, Крива Паланка, а фирмата „Ју-Бај 2“ доби пофалница од Општината за успешна соработка.
По свечената седница на плоштадот пред општинската зграда се одржa празничен концерт на КУЗ „Фолклористи“ од Крива Паланка.
На главниот градски плоштад од 12 до 14 часот припадници на Армијата на Република Македонија спроведoа тактичко –технички збор, со изложба и презентација на борбени возила, механизација, лесно пешадиско вооружување и останата опрема, а се реализира и прелет на армиски хеликоптер на небото над Крива Паланка.
Во 19 часот во Национална установа Центар за култура, Крива Паланка се одржa и Свечена академија по повод 74 години од ослободувањето на градот.