Амбасадорот Жбогар почесен граѓанин на Крива Паланка, министерот Николовски награден за развој на градот

На свечена академија која се оджа синоќа во НУ Центар за култура Крива Паланка, по повод Денот на ослободување на градот, Семјуел Жбогар, амбасадор на Европската унија во Македонија е прогласен за почесен граѓанин на Крива Паланка, а министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Паланчанецот Љупчо Николовски, е одликуван со Осмооктомвриско признание за особени заслуги во афирмацијата и развојот на родниот град.

Жбогар се заблагодари за честа да биде почесен граѓанин на Крива Паланка и истакна дека од пристигнувањето во Скопје пред две години, неговото мото е дека Македонија не е само Скопје.

-Ќе зборувам на македонски, но не знам да го говорам кривопаланечкиот дијалект. Патував многу ширум земјата во рамки на нашите кампањи „ЕУ за тебе“ и за викендите патував со моето семејство. Во вашите планини најдов сличност со моите Алпи и многу ми е убаво тука, каде и да одев секаде срдечно и топло бев пречекан и бев добредојден, честа која Вие денес ми ја укажувате, нема споредба. Благодарен сум и со понизност го прифаќам признанието на овој посебен ден за вас, изјави Жбогар.

Рече дека ја претставува ЕУ во нашата земја, но бидејќи, како што рече, растел во земја во која сите бевме едно, дава се од себе за денот кога повторно ќе бидеме едно во рамки на ЕУ.

-Обновената поддршка која ја ужива земјата се споделува подеднакво меѓу сите земји членки. Целта на сите посети на високите претставници од нашите земји неодамна во Македонија беше да се сподели напредокот постигнат во вашата земја. Го прифаќам ова признание во знак на посеветеност на граѓаните на Крива Паланка кон се што Европската унија претставува и застапува како едно од старите урбани места во земјата со историја, култура, кои ги негувате и заштитувате. Градот е свесен од каде доаѓа и очигледно е дека вие  јасно знаете каде одите и кон што тежнеете, каде е вашата иднина, додаде Жбогар.

Според него, Евроспката унија е заедница на поголеми и помали земји, поединечно мали во однос на влијанието на светото, но како заедница, ние сме силни.

-Ќе бидеме посилни со вас покрај нас, а вие ќе бидете посилни како дел од нашето семејство. Ние како најголем донатор во земјата ќе ви пружиме уште поголема поддршка, има толку многу работи кои треба да се направат, со цел подобрување на животите на граѓаните, порача Жбогар.

Големина на фонт
Контраст