Амбасадорката на Република Србија во Република Македонија, Душанка Дивљак-Томиќ, оствари работна средба со градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, во пресрет на новиот повик од ИПА за прекугранична соработка помеѓу Република Македонија и Република Србија.
– Ми причинува големо задоволство што вашата општина има одлична соработка со општините од Србија, особено со збратимените општини, но и ја проширувате соработката со останатите градови од соседството, на полето на културата, пред се во рамки на вашиoт Mеѓународен театарски фестивал, фолклорниот фестивал, ама одлично би било да се продлабочи соработката и на економски план, тоа се ваши и наши приоритети, но и се друго. Се надевам она што претстои, најавеното отворање на Европските фондови за прекугранична соработка помеќу нашите две држави, се отвораат и нови перспективи за нашите граѓани, рече Дивљак-Томиќ.
Нагласи дека еден од конкретните интереси, она за што веќе говореле со Мицевски е и спомен костурницата на српските војници од Првата светска војна, која е споменик на културата, а се наоѓа во Крива Паланка.
-Делиме заедничка сегашност, се надевам ќе делиме и заедничка иднина. Она што во наредниот период планираме да го направиме е бришење на граничните линии, односно, секоја гарница да биде формалност, со интегрирање на земјите во ЕУ. Во таа насока, ние како општина, она што го имаме како досегашна долгогодишна соработка на полето на фолклорот, во културната размена, на театарските фестивали, ќе го унапредуваме на сите полиња. Покрај со најблиските општини, Босилеград и Трговиште, ја прошируваме соработката со Панчево и Бор, а со Вршац веќе одамна е воспоставена одлична соработка и се надевам ќе ја прошириме со отворање на ИПА фондовите, порача Мицевски.
На средбата беше разговарано и за решавање на проблемот со времениот граничен премин кај Голеш, Мала Црцорија меѓу Србија и Македонија, кој е долгогодишно барање на жителите од двата погранични региони.
Амбасадорката ја посети спомен-костурницата на српските војници од Првата светска војна, 1912-1918 година, која се наоѓа на влезот на Крива Паланка, покрај главната улица, а е заштитен споменик на културата како и манастирот Свети Јоаким Осоговски.